Градоначалникот на Анкара Менсур Јаваш кажа претходно месецов дека главниот град на Турција има во браните и резервоарите вода за само уште 110 дена.
Измир и Бурса, следните два најголеми турски града, исто така се борат со недостиг од вода, а земјоделците во областите во кои се одгледува пченица предупредуваат на можна пропаст на жетвата.
Во втората половина на 2020 Турција имаше рекордно ниско ниво на врнежи и Управата за верски прашања минатиот месец ги замоли верските лидери да се молат за дожд, пренесува Гардијан.
Турција веќе подолго време му дава приоритет на економскиот раст пред грижата за животната средина и остана единствената земја од Г20, освен САД, која сè уште не го ратификувала Парискиот договор од 2015 година.
„Сите знаат дека водените сливови мора да се чуваат, особено поради ваквите епизоди на суши кои стануваат сè посериозни и подолготрајни. Но во Истанбул главните извори на вода, како тие во преостанатите шуми и земјоделски земјишта, се претвораат во урбани делови. Нов аеродром, нов мост, нови сообраќајници и автопати, ништо од тоа нема да го реши проблемот со сушите во Турција“, кажа Умит Сахин, кој предава климатски промени и политика на заштита на средината на истанбулскиот универзитет Сабанџи.