Бившиот советник за национална безбедност

Трамп жестоко го нападна Болтон (ВИДЕО)

Американскиот претседател Доналд Трамп го нападна Џон Болтон, најжестоко досега, откако неговиот поранешен советник за национална безбедност кажа дека Трамп имал централна улога во политички мотивираната кампања на притисок врз Украина, додека Сенатот влегува во нова фаза на судењето за отповикување на претседателот.

Вчера почна првиот од двата планирани дена за поставување прашања на сенаторите на Трамповиот адвокатски тим и демократските пратеници од Претставничкиот дом кои имаат улога на „обвинители“ на судењето во постапката на отповикување.

Претседателот е обвинет за злоупотреба на власта со тоа што го притиснал Киев да го истражи неговиот веројатен противник на изборите Џо Бајден, поранешниот американски потпретседател, и за опструирање на конгресната истрага на случајот, оневозможувајќи сведочења и криејќи докази.

Денес би требало да се гласа за тоа дали ќе бидат повикани сведоци, вклучувајќи го Болтон, како што бараат демократите.

Републиканците во Сенатот досега одбиваа сведоци или нови докази на судењето. Републиканските лидери се надеваат дека што побрзо ќе се гласа за да го ослободат Трамп од обвиненијата.

Лидерот на мнозинството во Сенатот Мич Меконел кажа дека нема доволно гласови за блокирање на барањето на демократите за повикување сведоци. На демократите им се потребни четири гласа на републикански сенатори за да имаат мнозинство за изгласување на повикувањето сведоци.

Се очекува Сенатот да го ослободи Трамп, но сведочењата како тоа на Болтон би можеле да му нанесат политичка штета пред изборите на 3 ноември.

Трамп го нападна Болтон на Твитер, кажувајќи дека тој пред неколку години не бил потврден за амбасадор во Обединетите нации и дека го „преколнувал“ за функција за која не треба потврда од Сенатот.

Американскиот претседател напиша и дека, ако го слушал Болтон, „досега веќе би биле во шеста светска војна“.

Тој додаде и дека Болтон, кој ја напушти својата функција во Белата куќа, „заминал и веднаш ја напишал гнасната и невистинита книга“.

Во писмото на Советот за национална безбедност на Белата куќа, испратено до адвокатот на Болтон Чарлс Купер, во кое имал увид Ројтерс, се наведува дека книгата содржи материјал кој се смета за „строго доверлив“ и дека не може да биде објавена во сегашната форма.

Спротивставувајќи се на Трамповата верзија на настаните, Болтон во сѐ уште необјавената книга напиша дека претседателот му кажал дека сака сопирање на исплатата на 391 милион долари воена помош на Украина додека Киев не отвори истрага за демократите, вклучувајќи ги Бајден и неговиот син Хантер, член на управниот одбор на најголемата украинска енергетска корпорација.

Тврдењата на Болтон се поклопуваат со обвиненијата врз кои се темели барањето за отповикување. Демократите тврдат дека Трамп ги злоупотребил своите овластувања користејќи ги средствата, одобрени од Конгресот за на Украина да ѝ се помогне во борбата против проруските бунтовници, за да го нападне својот политички ривал.

Трамп ги отфрла тие тврдења.

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе