Претседателот Трамп на церемонијата во Белата куќа го прослави едното од своите достигнувања осум дена пред претседателските избори на 3 ноември.
Судијката Берет седна на испразнетото место во највисокиот американски суд откако минатиот месец почина либералната икона Рут Бадер Гинсбург.
Бидејќи републиканците го контролираат Сенатот со 53 гласа спрема 47 и бидејќи ништо не упатувало на интерен бунт против Берет, резултатот од гласањето бил очекуван, со само еден глас на „побуна“ од републиканскиот блок.
Во републиканските редови само Сузан Колинс одби да гласа за судијката Берет, чие назначување ги крена демократите на нозе кои се залагаа за изборот за местото во Врховниот суд да се одлучува по изборите.
За обете страни тоа било исклучително важно прашање, бидејќи се работи за доживотна должност, а со назначувањето на Берет, конзервативниот блок ја зацементира својата предност во Врховниот суд.
„Семејството Берет ги освои американските срца“, рече Трамп стоејќи покрај судијката, додавајќи дека е „соодветно што таа ќе ја пополни позицијата на вистинскиот пионер за правата на жените, судијката Рут Бадер Гинсбург“.
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) October 27, 2020
Откако положи една од двете заклетви, судијката Берет повтори дека својата должност ќе ја извршува смело и независно од политиката или своите уверувања.
„Заклетвата што вечерва свечено ја дадов во суштина значи дека ќе ја извршувам мојата работа без страв и фаворизирање и без оглед на политичките склоности и моите сопствени убедувања“, рече Берет.
Демократите предупредуваат дека 48-годишната Берет би можела да го собори Обамакер, законот за задолжително здравствено осигурување кој на милиони Американци им овозможи пристап до здравствена заштита и дека со нејзиното назначување судот ќе сврти остро кон десно по прашањата како што се абортус, контрола на оружјето или правата на хомосексуалците.