Трамп, Вучиќ и Хоти во Белата куќа потпишаа договор на Србија и Косово (ВИДЕО)

Во Белата куќа во присуство на американскиот претседател Доналд Трамп е потпишан договор меѓу Србија и Косово.

EPA-EFE

Договорот за нормализација на економските односи го потпишаа српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти.

Откако Вучиќ и Хоти го потпишаа договорот, истото го направи и американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп по потпишувањето истакна дека Белград и Приштина се посветени на економската нормализација и дека е постигнат напредок кон економска соработка.

„Србија и Косово се обврзаа на нормализација на економските односи“, кажа Трамп. „Двете земји, фокусирајќи се на создавање работни места и економски раст, успеаја да направат голем исчекор“, оцени американскиот претседател.

Вучиќ, јавуваат српските медиуми, кажа дека меѓу Белград и Приштина има многу разлики, но дека ова е голем чекор нанапред.

Косовскиот премиер Авдулах Хоти кажа дека постигнатиот договор со Србија е чекор напред кој „треба да води кон заемно признавање на двете земји“.

Џад Дир, портпаролот на Белата куќа, на Твитер напиша дека Доналд Тра,п најавил дека Србија и Косово се согласиле на економска нормализација.

„Уште еден историски договор кој го постигна претседателот за светот да го направи помирно и понапредно место“, напиша Дир.

Србија, јавува Асошиејтед прес, најави дека ќе ја пресели својата амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим, а Косово ќе го признае Израел. Станува збор за дел од договорот со Соединетите Држави, односно со Трамп, кој посредуваше при потпишувањето на договорот за нормализација на економските односи меѓу Србија и Косово.

АП наведува дека српскиот претседател Вучиќ го поканил Трамп во посета на Србија.

Потпишувањето на договорот во Белата куќа на својот твитер профил го поздрави и претседателот на Косово Хашим Тачи.

Српските медиуми наведуваат дека Приштина, по денес потпишаниот договор, ќе може да пристапи во мини-Шенгенот. Во договорот се наведува дека без одложување ќе почне изградбата на мрежа нови сообраќајници и пруги кои треба подобро да го поврзат регионот, додека во главниот град на Србија ќе биде отворена канцеларија на Американскиот фонд за развој.

Делегациите на Белград и Приштина се сретнаа вчера и денес во Вашингтон во рамки на продолжувањето на дијалогот за нормализација на односите.

Домаќини на дводневните разговори во Белата куќа се специјалниот претставник на САД за преговорите на Србија и Косово Ричард Гренел и советникот за национална безбедност Роберт О’Браен.

О’Браен изјави дека е уверен дека, со јакнењето на економските односи, „ќе дојде и до политички решенија“.

Косово и Србија потпишаа во јануари годинава писмо за намери за повторно воспоставување на авио-линија меѓу Белград и Приштина, која е во прекин 21 година, а подоцна и за развој на железничкиот и патниот сообраќај.

Тоа беше постигнато за време на блокадата на дијалогот кој Косово и Србија, под покровителство на Европската Унија, го водат од 2011 година.

Застојот во дијалогот почна во ноември 2018, кога косовските власти воведоа 100-отстотни царини на стоката од Србија и БиХ, кои новиот косовски премиер Авдулах Хоти ги укина во јуни.

Иако истакнува дека е спремен на компромис, официјален Белград истрајува во тоа дека никогаш нема да ја признае независноста на Косово, која поранешната српска покраина, со силна поддршка од Западот, еднострано ја прогласи во 2008 година.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Како што тргнало, на крај, кога ќе го оствариме сонот и конечно ќе влеземе во ЕУ, ќе бидеме нација X, со јазик Y, со националност Z? Кој ќе се радува на тоа?

повеќе

Зошто да не му веруваме на лидерот кој е на чело на колоната запатена кон ЕУ?

повеќе

Логиката е кога веќе се успеа со Преспанскиот договор, кога веќе отстапката е потпишана, зошто да не се направи тоа и со Бугарија.

повеќе