Трамп во одбрана на повлекувањето од Сирија: „Зарем луѓето мислеа дека треба да војуваме против НАТО членката Турција?“

Соединетите Американски Држави нема да се борат против НАТО сојузничката Турција поради Курдите во Сирија, порача американскиот претседател Доналд Трамп, а успеа и да сугерира дека Курдите можеби намерно ги ослободуваат терористите од затвор за да ги вовлечат американските трупи во конфликтот.

Трамп утринава на Твитер застана во одбрана на одлуката за избрзаното повлекување на американските војници од северна Сирија, каде Турција води воена операција против курдските борци. Критичарите на Трамп го нарекуваат потегот „предавство на Курдите“, кои до неодамна беа главните американски сојузници на теренот во Сирија. Курдските лидери сега се свртеа кон Дамаск, постигнувајќи договор војници на сириската влада да бидат распоредени на границата со Турција.

Трамп истакна дека не смета дека треба за доскорешните сојузници да ѝ се спротивстави на друга НАТО членка. „Дали луѓето навистина мислат дека треба да војуваме против НАТО членката Турција?“, напиша тој на Твитер, повторувајќи ја заканата со „големи санкции против Турција“.

Курдите „можеби ослободуваат дел од нивните заробеници од ИСИС“ за да ги вовлечат Американците, шпекулираше Трамп. претходно, висок командант на Сириските демократски сили (СДФ), главната курдска сила во регионот, изјави дека чувањето на заробениците од Исламска држава повеќе не е „врвен приоритет“ поради турската офанзива. Други курдски извори соопштија дека стотици џихадисти веќе избегале откако затворите биле гранатирани од турската војска.

Операцијата во Сирија веќе ги наруши односите на Турција со сојузниците од НАТО, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се пожали дека некои членки на Алијансата ги поддржуваат „терористите“ (официјалниот турски став за курдските борци) наместо земјата членка на воениот пакт.

Во операцијата „Извор на мирот“ турските сили влегоа во северна Сирија минатата недела, а целта е да влезет 30 до 35 километри во сириската територија. Анкара тврди дека сака да создаде „безбедносна зона“ за спречување на Курдите да се инфилтрираат на турска територија.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе