Трамп вечерва ја почнува трката за претседателските избори во 2020 (ВИДЕО)

„Ќе биде лудо“, порача американскиот претседател Доналд Трамп кој вечерва во Орландо на Флорида официјално ја почнува трката за претседателските избори во 2020 година.

Републиканскиот милијардер кој во анкетите не стои баш најдобро, знае дека мора да ѝ се наметне на „сончевата држава“ ако сака да го освои вториот мандат како тројцата неговите претходници – Барак Обама, Џорџ В. Буш и Бил Клинтон.

Околу 20.000 луѓе се очекуваат во Амвеј центарот, каде што кошаркарскиот клуб Орландо меџик ги игра домашните натпревари од НБА лигата.

„Лажните вести нема да ви го кажат тоа, но одушевувањето во Републиканската партија е на врвот“, напиша Трамп на Твитер неколку часа пред да влезе во авионот Ер форс уан, оценувајќи дека само рок концерт може да предизвика поголемо одушевување.

„Погледнете што во моментов се случува во Орландо! Такво нешто никогаш не е видено (освен ако не свирите гитара)“, додаде 73-годишниот претседател кој ретко кога е толку среќен како пред толпа свои поддржувачи.

Не е тајна дека во говорот поранешниот бизнисмен од Њујорк кој е постојано во предизборна кампања, ќе ја објави својата кандидатура.

Изгледа дека Трамп, кој во трката во 2016 се претставуваше како кандидат кој е против системот и против елитите, е решен да го задржи тонот и држењето на аутсајдер, но по неколкуте години на власт нештата стојат поинаку.

„Вториот пат сте ранлив“, оценува историчарот Џулијан Зелицер од универзитетот во Принстон.

Трамп во говорот ќе ги истакне своите успеси и ќе се пофали со бројките кои ги нарекува „Трампова економија“ и ќе се закани со апокалиптично сценарио ако некој демократ го избрка од Белата куќа. „Ако во 2020 година кој било друг дојде на власт ќе се случи берзански крах каков не е виден!“, објави тој на Твитер минатиот викенд.

На Флорида тој допатува со првата дама Меланија Трамп и потпретседателот Мајк Пенс.

Денес во Орландо ќе се слушне и гласот на противниците на Трамп кои најавија протести во центарот на градот. На небото над Орландо ќе лета познатото „бебе Трамп“, големиот балон кој го прикажува Трамп како гневно дете со мобилен телефон.

Осум дена по републиканскиот собир, во Мајами, триста километри појужно, ќе се сретнат дваесетте демократски кандидати кои ќе се соочат на партиските предизбори.

Нешто повеќе од 500 дена пред изборите анкетите покажуваат дека на национално ниво Трамп ќе претрпи тежок пораз. Американските избори на средината на претседателскиот мандат покажаа дека демократите јакнат во таканаречениот Појас на рѓата (Rust Belt).

Флорида со своите 29 електори е важна сојузна држава во американските претседателски избори. На Флорида во 2000 се случи вистинска психолошка драма кога американскиот Врховен суд, по повеќенеделен заплет, прогласи победа на Џорџ В. Буш над Ал Гор со 537 гласа разлика.

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе

Дали ние, луѓето, сакаме да продолжиме да живееме добро и безбедно на оваа планета?

повеќе

САД остануваат најмоќната држава во светот, но францускиот претседател Макрон прави сѐ да стане своевиден „пандан“ на претседателот на САД.

повеќе