Кина побара САД да престанат со својот „погрешен пристап“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лу Канг откако американскиот претседател Доналд Трамп прогласи „вонредна состојба во земјата“ за да им забрани на американските телекомуникациски мрежи да купуваат опрема од странски компании кои се оценети како ризични.
„Доколку кон кинеските компании се постапува на нечесен начин, кинеската страна несомнено има сила да ги преземе сите неопходни мерки за да ги заштити сите легитимни права“, рече Лу.
Белата куќа објави дека потегот на претседателот Трамп е во согласност со неговата решеност да ги заштити американските информациски и телекомуникациски технологии и услуги.
Трамп во екот на силна напнатост со Пекинг донесе извршна наредба со која Министерството за трговија се овластува на американските компании да им забрани да работат со одредени добавувачи.
Иако во одредбата по име не се спомнува ни Кина ни Хуавеј, овој кинески телекомуникациски гигант и главен играч во развојот на мобилната мрежа од новата генерација 5Г токму себеси се гледа како цел на одредбата на Трамп.
Овие „неразумни ограничувања ги газат правата на Хуавеј“, реагираше кинеската компанија.
Американското Министерство за трговија по одлуката на претседателот го стави Хуавеј на „листа странски субјекти“ – листата компании кои се сметаат за потенцијално ризични за националната безбедност или интересите на надворешната политика.
Хуавеј изрази подготвеност за разговори со американската влада и донесување „ефикасни мерки за да се гарантира безбедноста на производите".
Компанијата, исто така, соопшти дека потезите на Вашингтон „само ги водат САД кон полоши и поскапи решенија“ во областа на 5Г мобилната мрежа и дека Хуавеј е „лидер на 5Г без споредба“.
„Ограничувањето на Хуавеј во соработката со САД нема да ја направат земјата побезбедна и посилна, напротив, тоа само ќе ја насочи САД кон послаби, но поскапи алтернативи, поради што САД ќе заостанат во развојот на 5Г. На крај, тоа ќе им наштети на американските компании и потрошувачи“, соопшти Хуавеј.