За лечење на коронавирусот

Трамп предложи да се вбризгуваат средства за дезинфекција во градите, лекарите во шок

Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно ја шокираше медицинската заедница, откако предложи да се истражи дали коронавирусот може да се лекува со вбризгување средства за дезинфекција во организмот.

Исто така, тој предложи телата на пациентите да се зрачат со УВ светлина, идеја што лекарот на брифингот ја отфрли.

Еден од неговите функционери неколку моменти пред тоа рече дека се знае дека сончевата светлина и средството за дезинфекција ја убиваат инфекцијата.

Средствата за дезинфекција се опасни материи и може да бидат отровни доколку се консумираат.

Дури и надворешната изложеност може да биде опасна за кожата, очите и респираторниот систем.

 

Што рече претседателот Трамп?

За време на брифингот на работната група за борба против коронавирусот во Белата куќа, официјален претставник ги презентираше резултатите од истражувањето на американската влада што покажале дека коронавирусот побрзо ослабува кога се изложува на сончева светлина и на топлина.

Студијата исто така покажала дека белилото може да го убие вирусот во плунката или во респираторните течности во рок од пет минути, а изопропанолот може да го убие уште побрзо.

Вилијам Брајан, вршител на должноста шеф на Дирекцијата за наука и технологија на Министерството за внатрешна безбедност на САД, ги наведе наодите на прес-конференцијата.

Коментирајќи дека истражувањето треба да биде претпазливо, Трамп предложи понатамошни истражувања во таа област.

„Значи, претпоставувајќи дека го гаѓаме телото со огромна - без разлика дали е ултравиолетова или едноставно многу силна светлина“, рече претседателот, обраќајќи ѝ се на д-р Дебора Беркс, координаторката за борба против коронавирусот во Белата куќа, „Мислам дека рековте дека тоа уште не сте го провериле, но дека ќе го тестирате.“

„Јас тогаш реков што би можело да се случи ако го внесеме зрачењето внатре во телото, што може да се направи или преку кожата или на некој друг начин. И мислам дека вие рековте дека ќе тестирате. Звучи интересно“, продолжил претседателот.

„И тогаш ги видов дезинфекциските средства, кои го уништуваат вирусот за една минута. Една минута. Постои ли начин да можеме да сториме такво нешто, преку инјекција или чистење? Затоа, би било интересно да го проверите тоа“.

Покажувајќи кон својата глава, Трамп продолжил: „Јас не сум лекар. Но, јас сум, знаете, личност што има добра знаете-што“.

Тој повторно се свртел кон д-р Биркс и ја прашал дали некогаш слушнала дека се користат „топлината и светлината“ за лекување на коронавирусот.

„Не како третман“, рекла Биркс. „Мислам, секако, треската е добра работа, кога имате треска, тоа му помага на вашето тело да реагира. Но немам видено топлина или светлина.“

„Мислам дека е одлична работа и дека треба да се погледне“, рекол Трамп.

Новинар на брифингот прашал дали Трамповите изјави „извадени од ракав“ може да шират опасни дезинформации кај Американците.

 

Каква е реакцијата на коментарите на Трамп?

Лекарите предупредија дека идејата на претседателот може да има фатални последици.

Пулмологот д-р Вин Гупта за Ен-би-си њуз изјави: „Ова споменување на инјектирање или внесување на кое било средство за чистење во организмот е неодговорно и е опасно. Тоа е вообичаен метод што луѓето го користат кога сакаат да се самоубијат“.

Кашиф Махмуд, доктор во Чарлстон, Западна Вирџинија, на Твитер објави: „Како лекар, не можам да препорачам вбризгување средства за дезинфекција во белите дробови или употреба на УВ зрачење во телото за лекување на ковид-19. Не ги слушајте медицинските совети од Трамп“.

Џон Балмс, пулмолог во Општата болница „Закерберг“ во Сан Франциско, предупреди дека дури и вдишувањето гасови од белилото може да предизвика сериозни здравствени проблеми.

Тој изјави за Блумберг њуз: „Вдишувањето хлорирано белило ќе биде апсолутно најлошото нешто за белите дробови. Дишните патишта и белите дробови не смее да бидат изложени дури ни на аеросол или средства за дезинфекција. Ниту слабиот раствор на белило или изопропанол алкохол не е безбедно. Тоа е тотално смешен концепт“.

Трамп претходно промовираше лек против маларија, хидроксихлорокин, како можен третман за коронавирусот, иако од неодамна престана да го препорачува тој лек.

Оваа недела една студија врз пациенти со коронавирус во болница на американската влада за воени ветерани откри поголема смртност кај оние што биле третирани со хидроксихлорокин отколку кај оние третирани со вообичаените терапии.

Реагирајќи на коментарите на претседателот во четвртокот навечер, Џо Бајден, неговиот најверојатен демократски ривал на ноемвриските избори за претседател, твитна: „УВ светлина? Инјектирање средство за дезинфекција? Еве ви една идеја, господине претседател: повеќе тестови. Сега. И заштитна опрема за вистинските медицински професионалци.“

 

Кој е советот на американската влада?

Токму оваа недела, американскиот Центар за контрола и превенција на болести ги предупреди Американците да бидат внимателни со производите за чистење бидејќи продажбата на средства за дезинфекција во домаќинствата се зголемила во пандемијата.

„Повиците до центрите за труење нагло се зголемија во почетокот на март 2020 година поради изложеност на средства за чистење и средства за дезинфекција“, се наведува во неделниот извештај за морбидитет на агенцијата.

Администрацијата за храна и лекови на САД предупреди да не се консумираат средства за дезинфекција, повикувајќи се на продажбата на лажни чудотворни лекови што содржат белило за кои се промовира дека лечат сè, од аутизам до сида и хепатитис.

На веб-страницата на агенцијата се вели: „ФДА доби извештаи за потрошувачи што страдале од сериозно повраќање, тешка дијареја, низок крвен притисок опасен по живот, предизвикан од дехидрација и акутна слабост на црниот дроб по пиењето на овие производи“.

Минатата недела федерален судија воведе привремена забрана против една организација, позната како Црква на здравје и лекување Џенесис II, зашто рекламирала производ еквивалентен на индустриско белило како лек за коронавирус.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе