Откако побараа Обединетите нации

Трамп одби ФБИ да го испитува убиството на Кашоги за да не ја загрози продажбата на оружје на Саудијците

Доналд Трамп го одби барањето на Обединетите нации ФБИ да го испита убиството на дисидентскиот новинар Џамал Кашоги, сугерирајќи дека тоа ќе ја загрози продажбата на американското оружје во Саудиска Арабија.

Во извештајот за убиството на Кашоги, објавен минатата недела од специјалниот известувач на ОН за екстрајудицијални убиства, се вели дека САД треба да отворат истрага во ФБИ и „да спроведат кривични обвиненија во рамките на САД, како што е соодветно“.

Но Трамп вчера во интервју за Ен-би-си го одби предлогот.

Запрашан дали ќе му дозволи на ФБИ да истражува, Трамп рече: „Мислам дека тоа е доста истражено.“

На прашањето кој истражувал, претседателот одговори: „Сите. Мислам... видов многу различни извештаи.“

Кашоги (59) беше жител на САД, кој пишуваше за Вашингтон пост. Беше убиен и распарчен откако влезе во саудискиот конзулат во Истанбул во октомври минатата година, барајќи документи што му беа потребни за да се ожени.

Извештајот на ОН содржи вознемирувачки детали од разговори меѓу неидентификувани Саудијци пред и по доаѓањето на Кашоги, врз основа на транскриптите што ги дадоа турските власти.

Кашоги таму се нарекува „жртвено јагне“. Еден функционер на Саудиска Арабија е цитиран како прашува дали ќе биде „можно да се стави трупот во торба“. Друг одговара: „Не. Претешко. Тоа не е проблем. Телото е тешко... Ако земеме пластични кеси и го исечеме на парчиња, ќе завршиме работа. Ќе го завиткаме секое парче.“

Во транскриптите од разговорите по доаѓањето на Кашоги во конзулатот се слуша како новинарот вели: „Има пешкир тука. Ќе ми давате дрога?“

Одговорот е: „Ќе ти дадеме анестезија.“

Специјалната известувачка на ОН ја обвини саудиската влада за убиството и рече дека има веродостојни докази дека за тоа се одговорни престолонаследникот Мохамед бин Салман и други високи функционери.

Трамп за Ен-би-си изјави дека убиството „навистина не беше тема на муабет“ во разговорот неделава со принцот, клучен сојузник на високиот советник и зет на претседателот, Џеред Кушнер, кој меѓу другите одговорности е задолжен и за спроведување мировен план меѓу Израел и Палестинците.

Трамп посочи и дека Саудиска Арабија не е ништо полоша од другите држави на Блискиот Исток, кој тој го нарече „злобно, непријателско место“, додавајќи: „Погледнете го Иран, погледнете други земји, нема да спомнувам имиња“.

Претседателот потоа кажа драстично пренагласена бројка за цената што Саудијците ја плаќаат за американското оружје, за што проверувачите на факти претходно рекоа дека не се совпаѓа со официјалната бројка.

„Само сакам да кажам дека тие веќе некој период трошат 400 до 450 милијарди долари, сè пари, сè работни места, купување опрема“, рече Трамп.

Всушност Саудиска Арабија минатата година потпиша „писма на понуда и прифаќање“ за 14,5 милијарди долари во воени набавки од САД.

Американскиот Сенат во четвртокот го блокираше https://www.mkd.mk/svet/vesti/senatot-ja-blokirashe-trampovata-prodazhba-na-oruzhje-na-saudijcite планот на претседателот да ја доврши продажбата на оружје на Саудиска Арабија и други земји, што е редок случај на спротивставување на републиканците од Конгресот кон Белата куќа. Трамп вети дека ќе го искористи своето претседателско вето и ќе продолжи со продажбата.

И покрај тоа што негираше дека продажбата е „цената“ за убиството на Кашоги, Трамп во неделата ја бранеше својата одлука да ја продолжи продажбата на оружје и покрај убиството.

„Не сум будала да велам: 'Не сакаме да правиме бизнис со нив'“, рече Трамп. „И патем, ако не прават бизнис со нас, знаете што ќе прават? Ќе прават бизнис со Русите или со Кинезите... Ние ја правиме најдобрата опрема во светот, но тие ќе купат одлична опрема од Русија и од Кина“.

Принцот Мохамед ја негираше одговорноста за убиството. Единаесетмина осомничени се судат во Ријад, од кои петмина се соочуваат со смртна казна.

Соочен со ужасните детали од извештајот на ОН неделава, саудискиот државен министер за надворешни работи, Адел ал Џубеир, за Си-ен-ен рече дека извештајот е „погрешен“.

„Знаеме дека ова е недозволена операција“, рече тој, „знаеме дека е сторено кривично дело, во моментов имаме луѓе во затвор и на судење. Тоа е ужасно убиство што се случило без знаење на власта и за што луѓето што го извршиле ќе бидат казнети... ова никогаш не требаше да се случи“.

Ал-Џубеир, исто така, рече дека се воведени „механизми“ за да се осигури дека „ова нема повторно да се случи“.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе