Трамп од импичментот го спаси неговата „лута противничка“

Демократскиот конгресмен Ал Грин од Тексас поднесе до Конгресот барање за гласање за резолуцијата за импичмент на претседателот на САД, Доналд Трамп. Овој предлог е одбиен.

Повод беа навредите од Трамп кон демократски конгресменки со имигрантско потекло.

Меѓутоа, демократската претседателка на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, која најави дека ова барање ќе биде отфрлено, тоа и го исполни, па Претставничкиот дом на Конгресот на САД со големо мнозинство го отфрли предлогот за отповикување.

Гласањето покажа колку демократите се поделени во однос на обидот Трамп да се отстрани пред изборите во 2020 година.

Предлогот на тексашкиот демократ Ал Грин беше отфрлен со 332 гласа, додека 95 конгресмени гласаа за отповикување, а против предложените мерки гласаа и три петтини од демократите.

Според овие резултати може да се претпостави, вели Асошиејтед прес, дека Пелоси била успешна во напорите да го спречи обидот за отповикување пред да се добијат можни докази со кои би се придобила јавноста за сменување на претседателот.

„Има големо незадоволство, од различни страни. Но понекогаш едноставно треба да заземете став“, рече Грин по гласањето.

Сите републиканци гласаа против импичмент.

„Ова е единственото нешто што тие сакаа да го направат уште од денот на изборите“, кратко изјави лидерот на републиканците во Претставничкиот дом Кевин Меккарти.

Трамп обидот за импичмент го нарече „најсмешниот проект во кој некогаш бил вклучен“.

Тој рече дека „огромното мнозинство против отповикувањето е крајот на оваа приказна“ и ги повика демократите да „ѝ се вратат на работата“.

АП наведува дека најновите анкети покажуваат дека мнозинството граѓани се противат на отповикувањето, па дури и кога Претставничкиот дом би го изгласал, што е еднакво на покренување обвинение, а Трамп на судењето во Сенатот речиси сигурно би бил ослободен.

Конгресменот Грин го поднесе предлог за импичмент поради Трамповите неодамнешни коментари за четири демократски претставнички, на кои им порача да „се вратат во своите земји“. Пратеничките Александрија Оказио-Кортез, Ајана Пресли, Илхан Омар и Рашида Тлаиб се припаднички на малцинства, но сите имаат американско државјанство и само Омар не е родена во САД.

Грин во барањето наведе дека Трамп изнел „расистички навреди“ на сметка на обоените претставнички на демократите во Конгресот, како и дека Трамп не е способен да биде претседател, пренесува АП.

Пелоси и другите демократски лидери, сепак, сметаа дека самото гласање за таквата резолуција би било непотребно, опасно и разорувачко во веќе „ранливиот“ Конгрес. Пелоси веднаш изјави дека одборот на демократите во Конгресот ќе ја запре резолуцијата на Грин. „Веднаш ќе се ослободиме од тоа“, им рече Пелоси на новинарите.

Коментарите на Трамп кај јавноста предизвикаа остра осуда за расизам и ксенофобија. И самата Ненси Пелоси во еден момент рече дека претседателот сака „повторно да ја направи Америка бела“. Исто така, таа постојано остро го критикуваше Трамп, со кого влегуваше во конфликт, и преку социјалните мрежи, и преку медиумите. Пелоси инаку се смета за „лут непријател“ на американскиот претседател.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе