На самитот во Виетнам

Трамп нема да ја притиска Северна Кореја за денуклеаризација ако нема нови тестирања оружје

Американскиот претседател Доналд Трамп кажа дека би бил задоволен ако Северна Кореја ја продолжи паузата во тестирањето оружја и дека не му се брза да потпише нуклеарен договор со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, за време на нивниот втор самит, во Виетнам неделава.

Двајцата лидери ќе се сретнат во Ханој в среда и четврток, осум месеци по нивниот историски самит во Сингапур, првиот меѓу американски претседател и севернокорејски лидер.

Тие тогаш ветија дека ќе работат на целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, но нивниот неконкретен договор даде малку резултати. Американските безбедносни експерти го предупредуваат Трамп дека не смее да постигне договор кој ќе попушти пред севернокорејските нуклеарни амбиции.

Државните медиуми на Северна Кореја, пак, пред да тргне кон Виетнам му порачаа на Трамп да не ги слуша американските критичари за кои тврдат дека ги нарушуваат обидите да се поправат односите меѓу двете земји.

Трамп изјави дека верува дека се на иста фреквенција со Ким и дека тие развиле „многу, многу добра врска“.

„Не се брзам. Не сакам да избрзувам никого. Само не сакам тестирања. Сѐ додека нема тестирања, јас сум задоволен“, кажа Трамп.

Северна Кореја го изврши својот последен нуклеарен тест во септември 2017, а последното тестирање на интерконтинентален балистички проектил во ноември 2017.

Администрацијата на Трамп го притискаше Пјонгјанг да се откаже од програмата за развивање нуклеарно оружје, која во комбинација со ракетните капацитети претставува закана за Соединетите Држави, пред да добие олеснувања на економските санкции.

Но во последните денови Трамп сигнализираше можно омекнување, изјавувајќи дека би сакал да може да ги тргне санкциите кога би имало значителен напредок кон денуклеаризацијата.

Се отвора и можноста на самитот да се прогласи формален крај на Корејската војна, од 1950 до 1953 година, која заврши со примирје, а не со мировен договор, а Пјонгјанг бара безбедносни гаранции за да потпише договор за крај на војната, јавува Ројтерс.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе