Зборувајќи за отповикувањето кое демократите планираат да го почнат против него, Трамп кажа дека тоа е „навистина ужасно нешто што тие го прават“, но додаде: „Ние не сакаме насилство. Никогаш насилство, апсолутно не на насилството“.
Тој им се обрати на новинарите пред да замине да ја посети американско-мексиканската граница. Ова беше прва изјава на Трамп пред новинарите по упадот на неговите поддржувачи во Конгресот.
„Отповикувањето е продолжување на најголемиот лов на вештерки во историјата на политиката“, кажа Трамп.
Трамп оцени дека неговиот говор пред поддржувачите минатата недела пред нивниот упад во Капитол бил „сосема соодветен“.
Тој оцени и дека социјалните мрежи, како Твитер и Фејсбук, кои ги укинаа неговите профили прават „катастрофална грешка“.
Лидерите во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, каде демократите го имаат мнозинството, ја продолжуваат процедурата на одвоените резолуции за отповикување на претседателот, кои ќе почнат да се разгледуваат утре наутро. Тоа би била втора процедура за отповикување на Трамп чиј мандат истекува за осум дена.