Трамп најави дека со Путин ќе разговара по телефон.
„Брзо ќе разговараме за падот на цената на нафтата, за влијанието врз американските произведувачи. Никогаш не помислив дека можеби ќе мора да влијаеме на растот на цената на нафтата, но тоа мора да се направи. Цената е толку ниска што луѓето се борат околу дистрибуцијата и колку барели да произведат“, кажа Трамп.
Претседателот на САД најави дека тема на разговорот со Путин ќе биде и „големиот проблем“ со пандемијата на вирусот.
Аналитичарите наведуваат дека Русија и Саудиска Арабија го преплавија нафтениот пазар и дека тоа е дополнителна причина за падот на цените.
Екеспертите на Голдман Сакс претходно соопштија дека побарувачката на нафтата од потрошувачите и авио-компаниите која изнесувала околу 16 милиони барели дневно од глобалната потрошувачка може никогаш да не се врати на претходното ниво.
Цената на нафтата падна денес за дополнителни осум отсто, а се урна и вредноста на акциите на светските берзи поради стравот дека глобалните рестрикции поради пандемијата на коронавирусот може да потраат со месеци.
Барелот нафта е најевтин од 2002 година.
Брент нафтата чини 22,5 долари по барел, што значи дека од почетокот на годината цената падна за 65 отсто.