„Американскиот модел е пример за целиот свет“

Трамп на панел за климатските промени се пофали себеси и ги нападна социјалистите (ВИДЕО)

Денес во Давос, во Швајцарија, почна годишниот собир на Светскиот економски форум (ВЕФ). Меѓу говорниците на панелот беше младата активистка Грета Тунберг, а по неа на говорницата стапи американскиот претседател Доналд Трамп.

Темата на годинешната расправа на ВЕФ е како бизнис иницијативите за заштита на средината, доквалификацијата на вработените и инвестирањето во обновливите извори на енергија помагаат во постигнувањето подобри глобални услови за живот.

Пред говорот на Трамп беше прикажан филм за губењето на биолошката разновидност и како употребата на пестициди предизвикува изумирање на пчелите. Симонета Сомаруга, претседателката на Швајцарската Конфедерација, повика на акција, кажувајќи дека е погрешно да се ставаат економските интереси над потребите на екосистемот.

Кога американскиот претседател се појави пред публиката, го почна својот говор со тоа како Соединетите Држави се на врвот на силата и како неговата администрација ја поправила економијата на САД. Кажа дека никогаш не бил попозитивен околу американската иднина, дека значително се намалува невработеноста, растат платите и дека е забележлив напредокот околу вработеноста на малцинските групи и жените.

„Отворивме 7 милиони работни места откако јас ја презедов функцијата. За време на последната администрација во САД беа затворени 60.000 фабрики, а за време на мојата власт отворивме 12.000 нови“, кажа Трамп.

„Денес го претставувам американскиот модел како пример за целиот свет, модел кој е за работниците, граѓаните и за семејството“, кажа тој и додаде дека Соединетите Држави имаат најмали даноци во светот.

Тој ја спомна и трговската војна со Кина и кажа дека преговорите со таа земја напредуваат и дека наскоро ќе влезат во втората фаза.

Тој кажа дека САД се меѓу државите со најчиста вода и воздух во светот и дека Соединетите Држави сега се најчисти во последните 40 години. Истакна дека е време за надеж и оптимизам, а не за стравувања и апокалиптични предвидувања. Кажа дека песимистите доволно долго управувале со животите на граѓаните и дека САД нема да дозволат радикалните социјалисти да ја уништат американската економија.

На почетокот на панелот, покрај Тунберг, зборуваа и други млади климатски активисти, кои предупредија дека е важно да се сфати колку е сериозна ситуацијата со климатските промени и дека немаме многу време да го решиме проблемот со глобалното загревање.

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе