„На барање на демократите го одложив процесот на отстранување на нелегалните емигранти (депортација) на две недели, за да видам дали демократите и републиканците можат да седнат и заедно да најдат решение за проблемот околу азилот и дупките на јужната граница. Доколку не можат, депортациите почнуваат!“, напиша Трамп, од чија порака не е јасно дали мисли на правните дупки во законот или буквалните дупки во оградата на границата со Мексико.
Трамп претходно им нареди на надлежните служби да спроведат масовна депортација на емигрантите на кои им е наложено да ја напуштат земјата, објавија американските медиуми кои најавија дека акцијата треба да почне денес.
Беше наведено дека Трамп напишал дека ќе бидат депортирани оние емигранти на кои веќе им е доставено решение дека треба да ги напуштат САД.
Вашингтон пост напиша дека операцијата ќе опфати околу 2.000 семејства во големите градови како Хјустон, Чикаго, Мајами и Лос Анџелес, а Мајами хералд наведе дека ќе бидат депортирани и емигранти од Атланта, Балтимор, Денвер, Њу Орлеанс, Њујорк и Сан Франциско.
Трамп на Твитер претходно наведе дека „милиони нелегални емигранти“ ќе бидат депортирани од САД, а во најновиот твит објасни дека ќе бидат депортирани само оние на кои веќе им е наложено да ја напуштат земјата.
„Тоа значи дека веќе бегаат од органите на редот и судовите. Станува збор за луѓе кои треба да се вратат во своите земји и кои го прекршиле законот со тоа што дошле и што останале тука“, напиша американскиот претседател.
Најголемиот број емигранти кои во текот на една година биле депортирани од САД бил 435.000 и тоа во 2013.
Активистите кои се бават со заштита на емигрантите тврдат дека Трамп оваа операција ја користи во политички цели и предупредуваат дека се шири страв меѓу емигрантите.
Администрацијата, меѓутоа, тврди дека ваквите операции ќе ги обесхрабрат оние емигранти кои сакаат нелегално да влезат во САД.