Трамп се распрашувал за опциите на состанок во Овалната канцеларија со своите главни советници за национална безбедност, вклучувајќи го и потпретседателот Мајк Пенс, државниот секретар Мајк Помпео, новиот министер за одбрана Кристофер Милер и генералот Марк Мајли, началникот на генералштабот на американската војска, кажаа изворите.
Трамп, кој одби да го признае поразот по претседателските избори кои се одржаа на 3 ноември, треба да му ја предаде власта на новоизбраниот претседател Џо Бајден на 20 јануари.
Изворите ја потврдиле содржината на состанокот за Њујорк тајмс, кој извести дека советниците го наговориле Трамп да не напаѓа поради ризикот од поширок конфликт.
„Бараше опции. Му претставија сценарија, а тој на крајот сепак реши да не продолжува“, кажа извор. Белата куќа одби да го коментира извештајот.
Трамп сите четири години од својот претседателски мандат води агресивна политика кон Иран, повлекувајќи се во 2018 година од нуклеарниот договор со таа земја кој го потпиша неговиот претходник Барак Обама и воведе нови економски санкции.
Алиреза Мирјусефи, портпаролот на иранската мисија во ОН, кажа дека иранската нуклеарна програма има исклучиво мирнодопска цел и дека Трамповата политика не се сменила. Меѓутоа, истакна дека Иран е способен за користење „легитимна воена моќ“ за да спречи или одговори на каков било напад.