Инаку, во рамки на сопствената партија, Трамп во последните денови имаше препораки да се откаже од кандидатурата бидејќи одредени кандидати што ги поддржа постигнаа лоши резултати на неодамнешните избори за Сенатот.
Соработниците на Трамп поднесоа документација за претседателската кандидатура во 2024 година, додека Трамп прими бројни поддржувачи и обожаватели во својот луксузен имот на Флорида, Мар-а-Лаго.
„Враќањето на Америка започнува токму сега“, им рече носителот на републиканската листа на своите донатори и поддржувачи и најави дека ќе ја започне својата кампања речиси две години пред самите избори, кои се закажани за 5 ноември 2024 година.
Засега не се знае кој ќе биде лидер на демократите на претседателските избори. Според претходните изјави, актуелниот прв човек на САД, Џо Бајден, има намера да се кандидира за уште едни избори, а својата одлука треба да ја претстави следната година.
Тоа ќе биде трета трка за Трамп за претседател, односно ќе му бидат петти национални избори на кои тој е носител на републиканската листа. Во 2016 година, Трамп и републиканците дојдоа на власт со неговото влегување во Белата куќа и преземањето на контролата врз двата дома на американскиот Конгрес. Но, демократите го освоија мнозинството во Претставничкиот дом на меѓуизборите во 2018 година, водејќи кампања на критики за зајадливиот стил на Трамп.
Следеа претседателските избори во 2020 година, на кои Трамп беше поразен од демократот Џо Бајден - иако Трамп сè уште одбива да го признае поразот - а демократите го контролираат Сенатот благодарение на гласот на потпретседателката Камала Харис, кој според Уставот на САД ќе биде пресуден доколку домот е поделен 50- 50.
Откако неговите следбеници буквално извршија инвазија на зградата на американскиот Капитол, Трамп го напушти Вашингтон во незамислив хаос. Сепак, тој одлучи да остане во политичката арена и продолжи да собира пари за одржување собири низ земјата.
Во кампањата за меѓуизборите на 8 ноември, на кои се предвидуваше голем пораз на демократите на Бајден, Трамп им ја даде својата влијателна политичка поддршка само на оние кандидати за Конгресот кои, како него, цврсто одбиваат да го признаат поразот на изборите во 2020 година.
Сепак, најавениот републикански „црвен бран“ на крајот не се оствари, па демократите ја задржаа контролата врз Сенатот, а во Претставничкиот дом веројатно републиканците ќе имаат многу тенко мнозинство. Ваквите неочекувани резултати ги зајакнаа противниците на Трамп во Републиканската партија и го поткопаа неговиот политички замав.
Трамп реши да одговори со удвојување на наводите за местење на изборните резултати, објавувајќи на својата социјална мрежа Трут соушл дека резултатите се „измама“, а како виновник го наведе лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот Мич Меконел.
„Вината ја сноси Мич Меконел“, објави Трамп на својата мрежа, тврдејќи дека сенаторот лошо управувал со парите за кампањата и имал погрешна стратегија. „Ги уништи меѓуизборите и сите го презираат“, рече Трамп, кој долго време е отуѓен од Меконел.