Трамп ја номинираше Ејми Кони Барет за судијка на Врховниот суд (ВИДЕО)

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во саботата ја номинираше судијката Ејми Кони Барет за судијка на Врховниот суд, на позицијата на која до нејзината смрт беше Рут Бадер Гинсбург.

EPA-EFE/SHAWN THEW

„Денес сум почестен да го номинирам еден од најсветлите и најнадарените умови во нашата држава за Врховниот суд“, рече Трамп на церемонијата во Белата куќа.

„Таа е жена со неспоредливи достигнувања, висок интелект, одлични препораки и бескомпромисна лојалност кон Уставот“, додаде тој.

Се очекуваше Трамп да ја избере 48-годишната судијка на Сојузниот апелационен суд Барет, која беше фаворит на републиканците поради нејзините претходни ставови за абортусот, имиграцијата и правото на оружје.

Кандидатите за Врховниот суд мора да бидат потврдени со мнозинство во Сенатот, кој во моментов го контролираат републиканците.

Лидерот на републиканското мнозинство во Сенатот, Мич Меконел, ја поздрави номинацијата на Ејми Кони Барет во изјавата со која јасно стави до знаење дека Сенатот ќе гласа за изборот на Трамп.

„Судијката Ејми Кони Барет е исклучително импресивен адвокат и исклучително добро квалификуван кандидат за Врховниот суд на Соединетите Држави. Како што реков, оваа номинација ќе биде изгласана во Сенатот следната недела“, рече Меконел.

Демократите се обидуваат да ја одложат одлуката и сметаат дека победникот на претседателските избори во ноември треба да донесе одлука за доживотно назначување меѓу деветте члена на Врховниот суд.

Либералите стравуваат од промена на идеолошката и филозофската рамнотежа на судот, што може да доведе до промени во прашања како што се здравствената заштита и абортусот.

Тие се загрижени дека Барет, доколку биде потврдена, може да го укине правото на абортус во земјата, заедно со поништување на планот за здравствена заштита усвоен од поранешниот претседател Барак Обама.

Во изјавата, демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден ја критикуваше Барет и нејзиното противење на планот за здравствена заштита, познат како Обамакер.

„Сенатот не треба да постапува по прашањето за испразнетото работно место сè додека американскиот народ не го избере следниот претседател и следниот Конгрес“, рече Бајден.

„Секој глас за потврдување на овој кандидат е глас за укинување на здравствената заштита“, рече претставничката на демократите, Ненси Пелоси.

Барет, мајка на седум деца од Луизијана и побожен католик, е идеолошка спротивност на судијката што треба да ја наследи.

На церемонијата на која беше номинирана Барет рече дека ќе води сметка за тоа кој бил пред неа.

Барет исто така рече дека ќе служи според принципите на нејзиниот поранешен шеф, покојниот судија на Врховниот суд и ѕвезда на конзервативците Антонино Скали.

„Судијата мора да го применува законот онака како што е напишан. Судиите не се креатори на политики и мора да бидат решителни во отфрлање какви било ставови за политиката што ги имаат“, рече таа, потврдувајќи ја на тој начин судската филозофија на Скали.

Гинсбург, која помина 27 години на суд, беше либерална икона и се залагаше за правата на жените и родовата еднаквост.

Трамп вети дека ќе го пополни испразнетото место со жена конзервативка.

Тој веќе назначи двајца судии на Врховниот суд за помалку од четири години, и двајцата се сметаат за конзервативни.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE/SHAWN THEW

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе