„Тој (Бајден) ѝ е непријател на државата“, рече Трамп на предизборниот митинг во еден мал град во американската сојузна држава Пенсилванија.
Трамп реагираше на неодамнешната изјава на Бајден дека поранешниот американски претседател и неговите поддржувачи претставуваат „екстремизам што ги загрозува самите темели на републиката“.
Поранешниот претседател оцени дека говорот на Бајден е „полн со омраза и гнев“ и дека актуелниот претседател сака да го прикаже како „закана за демократијата“ и „државен непријател“.
„Непријателот на државата е тој, и групата што го контролира“, додаде Трамп пред конгресните избори, кои обично се одржуваат на половина од мандатот на американскиот претседател, а се закажани за 8 ноември.
Трамп за прв пат се појави во јавноста откако федералната полиција упадна во неговата резиденција на Флорида.
„Срамната рација во мојата куќа беше пародија на правдата“, рече тој.
Федералното истражно биро (ФБИ) изврши претрес во домот на Трамп бидејќи имаше сомнеж дека поранешниот претседател незаконски чувал доверливи документи од неговиот мандат во Белата куќа (2017-2021).