Конференција за медиумите

Трамп: Ако Путин вели дека не се мешале во изборите, јас му верувам!

Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Хелсинки рече дека Русија и САД треба да ги обединат силите во борбата против заедничките закани.

„Денес, САД и Русија се соочуваат со сосема различни предизвици. Тука се опасната нерамнотежа на механизмите на меѓународната безбедност и стабилност, регионалните кризи, проширувањето на заканата од тероризмот и прекуграничниот криминал, растечките проблеми во светската економија, еколошките и други опасности. Во врска со сето тоа можно е здружување на силите. Се надевам дека американските партнери ќе го разберат тоа“, рече Путин на конференцијата со американскиот претседател Доналд Трамп.

Тој позитивно го оцени влијанието на САД врз решавањето на кризата во Кореја.

„Добро е што почна постепено да се решава проблемот на Корејскиот Полуостров. Во голема мера тоа стана можно благодарение на фактот дека претседателот Трамп е лично вклучен во решавањето на кризата, градејќи дијалог во духот на соработката, а не на конфронтацијата“, рече рускиот лидер.

Путин изрази загриженост во врска со повлекувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран.

„Искрено зборувавме за нашата загриженост во врска со повлекувањето на САД од нуклеарниот договор. Американската страна ја знае нашата позиција, таа не се промени“, рече Путин.

Според него, благодарение на овој договор, Иран ги отворил своите нуклеарни објекти за Меѓународната агенција за атомска енергија.

„Тоа гарантира исклучиво цивилен карактер на иранската нуклеарна програма и го зајакнува режимот на неширење на нуклеарното оружје“, рече рускиот претседател.

Тој рече дека на Трамп му предал документ со предлози за неширење на нуклеарното оружје.

„Како големи нуклеарни држави ние носиме посебна одговорност за меѓународната безбедност. Сметам дека е важно, и ние разговаравме за тоа, одмрзнувањето на дијалогот за стратегиската стабилност и неширење на оружјето за масовно уништување“, рече Путин.

Трамп рече дека односите меѓу двете земји никогаш не биле полоши, но дека тоа вчера се променило.

Тој додаде дека разговорите биле „директни, отворени, длабоко продуктивни“.

„Несогласувањата меѓу нашите две земји се добро познати, и претседателот Путин и јас за тоа денес нашироко дискутиравме“, изјави Трамп на заедничката прес-конференција во Хелсинки, каде што двајцата претседатели се сретнаа.

Тој рече дека САД и Русија мора да најдат начин да работат заедно во потрага по заедничките интереси и дека продуктивниот дијалог меѓу нив е добар за двете земји и „добар за светот“.

Трамп ја оправда својата одлука да разговара со Путин потсетувајќи дека дури и за време на Студената војна, САД и Русија успеале да одржат силен дијалог.

„Но нашите односи никогаш не биле полоши отколку сега. Меѓутоа, тоа се промени од пред околу четири часа“, рече Трамп.

Трамп рече дека директно разговарал со Путин за наводното мешање на Русија на изборите во САД во 2016 година, дека на тоа прашање му посветиле многу време и дека рускиот претседател има „силно мислење за тоа“.

Путин претходно на прес-конференцијата изјави дека Москва никогаш не се мешала и никогаш нема да се меша во изборниот процес на САД.

Трамп рече дека смета дека истрагата за вмешаноста на Русија во изборите во САД што се води во САД е „катастрофа за нашата земја“. Трамп повтори дека немало никаков дослух од страна на неговиот изборен штаб.

Путин ги отфрли тврдењата дека неговата влада се вмешала во изборите во САД и рече дека „нема докази кога ќе се дојде до фактите“.

Запрашан зошто повеќе му верува на Путин отколку на сопствените разузнавачки агенции кога станува збор за хакирањето на демократски изборен штаб, Трамп рече дека има огромна доверба во своите разузнавачки агенции, кои заклучија дека Русија се мешала во изборите, но дека Путин бил „исклучително силен и моќен денес“ во своето тврдење дека Русија немала никаква врска со тоа.

„Претседателот Путин вели дека тоа не е Русија. Не гледам никаква причина зошто би било“, рече Трамп.

Тој додаде дека Путин му дал неверојатна понуда да им дозволи на американските иследници да работат заедно со руските за наводите за руски сајбер-напади.

Трамп рече и дека е сигурен дека тој и Путин повторно ќе се сретнат во иднина.

Американските медиуми и јавност жестоко реагираа на средбата. Тие му замераат на Трамп дека признал дека немало дослух меѓу неговиот изборен штаб и Русите, за тоа што ја пропуштил можноста јавно да го осуди Путин за мешање во изборите и за тоа што толку „лесно и наивно“ го прифатил уверувањето на Путин.

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе

Република Македонија треба да понуди законска можност за реализација на правото на приватен и семеен живот за истополовите партнери.

повеќе

Умре Милена Дравиќ. Да живеевме во некое друго време, во некоја друга земја, таа вест ќе се прикажеше на екраните на југословенските телевизии, како што ни се прикажа веста за смртта на Тито.

повеќе