За третманот во Турција

Тоа се случи затоа што сум жена, рече Фон дер Лајен за „софагејт“

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро го осуди начинот на кој беше третирана за време на нејзината посета на Турција, кога не доби стол, нагласувајќи дека тоа се случило само затоа што е жена.

Фото: ЕПА

„Не наоѓам никакво оправдување за тоа како бев третирана. Тоа се случи затоа што сум жена“, рече Фон дер Лајен во дебатата во Европскиот парламент, во која, во врска со односите меѓу ЕУ и Турција, доминираше прашањето за таканаречениот „софагејт“.

Во дискусијата учествуваше и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кого многу пратеници го критикуваа дека не реагирал веднаш и не спречил понижување на претседателката на ЕК.

Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел ја посетија Турција на 6 април. За време на состанокот со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Мишел си седна на столот веднаш до Ердоган, додека Фон дер Лајен мораше да седне на блискиот кауч, на страна, а наспроти неа на другиот кауч беше турскиот министер за надворешни работи.

Поради тоа излезе дека Фон дер Лајен е третирана како министерка на Мишел. На снимката јасно се слуша како Урсула фон дер Лајен испушта едно „хм“ кога сфаќа дека нема место за неа покрај Ердоган.

Претседателот на Европскиот совет, Мишел, воопшто не реагираше.

Инцидентот беше прогласен за „софагејт“ во медиумите.

Фон дер Лајен посочи дека во европските договори нема основа за различен третман на претседателот на Европскиот совет и на Комисијата.

„Дали тоа ќе се случеше ако бев во костум и вратоврска?“, праша Фон дер Лајен.

„Се чувствував тажно, повредено, осамено, како жена и како Европејка. Тука не станува збор за протоколарен распоред на седење, тука станува збор за самата суштина на она што сме ние, за вредностите за кои се залага Унијата. Тоа покажува и колку уште сме далеку од тоа жените да се третираат рамноправно, секогаш и секаде“, рече видно лутата Фон дер Лајен.

„Јас сум првата жена претседател на Европската комисија. Очекував така да ме третираат за време на мојата посета на Турција, како претседателка на Комисијата, но не бев“, додаде таа.

Таа спомена дека на фотографиите од претходните состаноци не се гледа дека недостига стол, но на нив се гледаат само мажи.

Таа ја критикуваше Турција за напуштање на Истанбулската конвенција, обврзувачки договор на Советот на Европа за борба против насилството врз жените и децата.

„Одвратно е тоа што Турција, како еден од основачите на Советот на Европа, се повлекува од таа конвенција“, рече таа.

Во исто време, таа ги критикуваше оние земји-членки на ЕУ што не сакаат да ја ратификуваат Истанбулската конвенција или размислуваат да ја напуштат.

„Тоа е неприфатливо. Секое насилство врз жени и деца е кривично дело и мора да се нарече кривично дело и да се казни како такво. А, за да бидеме веродостојни, не смееме само да критикуваме, туку мора да дејствуваме и во нашата сопствена куќа“, рече таа.

Во сопственото обраќање пред пратениците, пак, Мишел изрази жалење за инцидентот што се случи, велејќи дека сфаќа дека поради тоа многу жени се чувствуваат повредено. Тој рече дека со Фон дер Лајен и со службите на Комисијата и Европскиот совет е договорено ваквите ситуации никогаш да не се повторат во иднина.

Многу пратеници го критикуваа Мишел што не реагирал поинаку. Дел пратеници приговараа поради тоа што ЕУ ѝ „попушта“ на Турција и дозволува да биде уценувана, додека властите во таа земја не ги почитуваат основните демократски принципи.

Посетата во Анкара беше можност да се испрати порака за силата и единството во ЕУ, а беше испратена порака на слабост, рече шефот на парламентарната група на ЕПП, Манфред Вебер.

Пратеничката од Зелените Ска Келер изјави дека е „разочарана“ од постапката на Мишел.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе