Во програмата за дерадикализација

Терористот од Виена „се преправал дека се откажал од џихадизмот“

Кујтим Фејзулаи ги измамил менторите во програмата за дерадикализација, рече министерот.

Фото: ЕПА

Вооружениот поддржувач на ИСИС што освен австриското, имал и македонско државјанство, кој во понеделникот вечерта уби четворица и повреди 23 луѓе во напад во центарот на Виена, плански ги „измамил“ своите ментори во програмата за дерадикализација и глумел дека се одрекол од џихадизмот, рече министерот за внатрешни работи на Австрија.

Дваесетгодишниот Кујтим Фејзулаи беше застрелан од полицијата девет минути откако отвори оган во првиот кварт на австриската престолнина во 20 часот.

Неговите жртви беа „еден постар човек, постара жена, млад маж минувач и келнерка“, според канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, кој ја пофали храброста на полицаецот застрелан во нападот, кој се наоѓа во критична, но стабилна состојба.

Дваесет и три лица се повредени со прострелни рани и рани со нож, од кои седум се во критична состојба, соопшти здружението на болницата во Виена доцна во вторникот вечерта.

Претседателот на Австрија, Александер ван дер Белен, рече дека солзите на нацијата капат за жртвите и нивните роднини. Тој рече дека нападот бил насочен кон „животот во една либерална демократија, која терористите очигледно длабоко ја мразат“.

Во вторникот, центарот на градот остана затворен, а на улиците патролираа 1.000 полицајци.

Напаѓачот бил вооружен со автоматска пушка, пиштол и мачета и бил облечен во лажен самоубиствен елек. Пред нападот тој објавил своја фотографија со оружјето на својот инстаграм-профил, според министерот за внатрешни работи Карл Нехамер. Доцна во вторникот, ИСИС ја презеде одговорноста за нападот во соопштение на својата новинска агенција Амак објавена на Телеграм.

Четиринаесет лица поврзани со напаѓачот се приведени на распит при претреси на 18 имоти во и околу Виена. По контрадикторните информации ноќта, Нехамер во вторникот попладне изјави дека досега нема докази за втор напаѓач.

Полицијата во Швајцарија уапси двајца мажи на возраст од 18 и 34 години поради можни врски со напаѓачот во градот Винтертур на околу 10 километри од Цирих. Швајцарската министерка за правда, Карин Келер-Сатер рече дека мажите биле „очигледно пријатели“ со Фејзулаи и рече дека тројцата се имаат сретнато лично, но не кажа кога.

„Двајцата се уапсени во вторникот попладне во координација со австриските власти“, соопшти кантоналната полиција на Цирих. „Степенот до кој постоела поврзаност помеѓу двете уапсени лица и наводниот убиец во моментов е предмет на тековни разјаснувања и истраги што ги спроведуваат одговорните органи“.

Напаѓачот, роден во Модлинг, јужно од Виена, како тинејџер развил силен интерес за политичкиот ислам и на крај почнал да планира да ѝ се приклучи на ИСИС во Сирија. Тој бил депортиран од Турција во Австрија по неуспешниот обид во септември 2018 година да ја премине границата со Сирија и на 25 април 2019 година бил осуден на 22 месеци затвор.

Казната - намалена според австрискиот закон што ги опфаќа правата на момчињата од 18 до 20 години – била суспендирана на 5 декември под услов тој редовно да биде следен од затворските служби и да влезе во програмата за дерадикализација што работи со австриското Министерство за правда.

Нехамер на прес-конференција во вторникот попладне рече дека терористот успеал да ги измами своите ментори на таков начин што не биле регистрирани никакви предупредувачки знаци што би укажале дека тој е радикализиран.

„Гледаме грешка во нашиот систем“, рече Нехамер, од конзервативната партија на Австријците (ОВП). „Дошло до предвремено ослободување на радикализирана личност“.

Младиот човек на своите состаноци со програмата за дерадикализација плански создал впечаток дека сака да се интегрира во австриското општество, рече Нехамер, „во исто време додека бил фокусиран на уништување на системот“.

Обидот да му се одземе австриското државјанство на Фејзулаи бил во застој, поради недостиг од докази за терористичка активност, рече министерот за внатрешни работи.

„Факт е: терористот успеал да ја измами програмата за дерадикализација на судството… Треба да го оцениме и оптимизираме системот од аспект на судството“.

Програмата за дерадикализација Дерад е асоцијација со седиште во Виена, составена од 13 ментори што работат со лица за кои постои сомневање дека биле радикализирани или веќе биле осудени за здружување со терористички групи.

Програмите за дерадикализација им овозможуваат на властите подолг период да ги следат поединците за кои се сметаат дека се потенцијален ризик за општеството отколку ако тие едноставно треба да издржат затворска казна.

Директорот на „Дерад“, Муса Ал-Хасан Дијав, ги негираше информациите на австриските медиуми дека неговата програма го прогласила Кујтим Ф. за безопасен и со тоа гарантирала тој да биде ослободен.

Тој рече дека неговата организација само дава извештаи засновани на двомесечни состаноци со осомничените лица, врз основа на кои судот може да донесе одлука. „Сѐ додека целосно не се запре програмата за дерадикализација, секогаш постои елемент на ризик“, рече Ал-Хасан Дијав.

Австриската министерка за правда Алма Задиќ, од партијата на Зелените, застана во одбрана на програмата за надзор над судството, велејќи дека Канцеларијата за заштита на уставот и контратероризам во земјата била информирана за ослободувањето на Фејзулаи.

Иако во Австрија во последните години немаше многу џихадистички терористички напади, алпската земја е центар за екстремистички исламистички активности уште од раните 90-ти, кога организации од Саудиска Арабија и други земји во Заливот ја користеа како база за своите операции за поддршка на муџахедините во Босна, вели Гардијан. Таа улога се зацврсти за време на последователните конфликти на Балканот и повторно заживеа во раните денови на сириската граѓанска војна.

Помеѓу 2012 и 2014 година стотици млади Австријци отпатуваа во Сирија за да се борат, а нивните патувања и регрутирања беа олеснети со низа мрежи со седиште во „салафи енклавите“ во Виена, Грац и други градови, кои на крајот беа разбиени од австриските безбедносни служби. Земјата на крај испрати повеќе борци во Сирија по жител од која било друга во Европа, освен Белгија.

Австриските власти покренаа голема акција, при што клучните фигури во мрежите за регрутирање добија долги затворски казни. Сепак, проблемите со радикализацијата во последните неколку години продолжија и имаше неколку обиди за напади, иако некои со нејасни мотиви. Многу австриски мрежи се тесно поврзани со други во Германија, Швајцарија и други соседни земји.

„Тероризмот на џихадистите не е нов во Австрија, но (во последниве години) имаше само ситни напади од луѓе што ги користат широко достапните оружја… а не можат да набават експлозив или АК-47. Она што изненадува не е дека имаше напад, туку начинот на кој тој беше извршен“, рече Јоханес Сал, експерт за австриски екстремизам на Универзитетот во Луцерн, Швајцарија.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе

Многумина од учесниците во македонската сага, нивните деца и внуци прашуваат: Зошто не можеме да се вратиме во земјата на нашите предци?

повеќе

Утрово осамна уште еден ден од ноември, 20-от ден од месецот. Остануваат точно уште 456 дена до 100-годишнината од коморскиот систем во нашата земја.

повеќе