На илјадници авганистански државни службеници не им се исплатени најмалку три месечни плати.
„Министерството за финансии вели дека почнувајќи од денеска, на сите државни службеници и персонал ќе им бидат исплатени во целост последните три месечни плати“, објави портпаролот на талибанците Забихулах Муџахид на Твитер.
Не е познато од каде ќе се обезбедат средства за тоа.
И пред талибанците да ја преземат власта во Авганистан во август, многу државни службеници не добиваа плата со недели.
Откако талибанците дојдоа на власт, милијарди долари на авганистанската централна банка во странство, во САД и Европа, беа замрзнати. Странските влади не сакаат директно да ја финансираат талибанската влада, а помошта ја запреа и глобалните финансиски институции.
По состанокот на талибанските претставници со специјалните претставници од Германија и Холандија во четвртокот во Кабул, пратениците изразија подготвеност да ги разгледаат директните плаќања за здравствениот и образовниот сектор во Авганистан преку меѓународни организации.
Друг портпарол на талибанците Инамула Самангани објави на Твитер во саботата дека талибанската влада собира сè поголеми приходи секој ден.
Во последните три месеци, според министерството за финансии, се собрани 288 милиони долари, истакна тој.
Тој додаде дека наскоро ќе продолжи исплатата и на пензиите.