Талибанците добија благослов од Кина

Ентони Блинкен неочекувано го пофали интересот на Пекинг за Авганистан, велејќи дека тоа може да биде „позитивна работа“.

Фото: ЕПА

Еден ден откако Кина срдечно прими деветчлена талибанска делегација предводена од коосновачот на движењето, мула Абдула Гани Барадар, американскиот државен секретар Ентони Блинкен го пофали интересот на Пекинг за Авганистан, велејќи дека тоа може да биде „позитивна работа“.

Запрашан за време на посетата на Индија за талибанските разговори со кинеските власти, шефот на Стејт департментот за индиска Си-ен-ен њуз 18 изјави: „Соседните земји на Авганистан имаат интерес за регионот. Но никој нема интерес регионот да западне во општа граѓанска војна или во рацете на талибанците“.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ли ги нарече талибанците „важна воена и политичка сила во Авганистан“, а повлекувањето на американските војници како неуспех на американската политика.

Ванг Ли, кој го пречека Барадар со раширени раце во Тијанџин, по средбата рече дека очекува талибанците да одиграат важна улога во процесот на „мир, доверба и обнова“ во Авганистан. Светските медиуми оваа посета ја протолкуваа како „благослов“ на Пекинг за легитимноста на талибанците на меѓународната сцена, и покрај огромните идеолошки и теолошки разлики меѓу двете страни.

И на овој состанок кинеските претставници повторија дека водат политика на „немешање“ во други земји. Но Авганистан е пред портите на Кина, со која дели граница долга 56 километри на Хималаите, и е премногу стратешки важен за Пекинг да го игнорира она што се случува во оваа земја. Она што беше најважно за Пекинг Барадар го вети - дека талибанците никогаш нема да дозволат ниедна сила да ја користи територијата на Авганистан за какви било штетни дејствија насочени кон Кина.

Кина прими претставници на талибанците и во 2019 година, а во тоа помогнаа неофицијалните канали за комуникација што минуваа низ Пакистан. Затоа не чуди тоа што Исламабад истакнува дека Кина и Пакистан имаат слични ставови за мирно решавање на „Гордиевиот јазол“ во Авганистан.

Обемот и брзината на воениот напредок на талибанците, кој веќе контролира повеќе од половина од земјата и 90 проценти од граничните премини, се чини дека изненадија многумина, од регионалните сили до американските власти, кои на внатрешните состаноци рекоа дека доколку продолжи ова темпо, Кабул може за шест месеци да падне во рацете на милитантите.

Повеќето од соседите на Авганистан, вклучително и Кина, се задоволни што Американците се повлекуваат. Но нема простор за ликување, од страв дека историјата може да се повтори. Во 1990-тите, по повлекувањето на советските сили, Авганистан потона во граѓанска војна, дозволувајќи ѝ на Ал каеда да фати корени. Милиони Авганистанци избегаа во соседните земји поради борбите во земјата.

Пекинг е особено загрижен поради можноста со напредувањето на талибанците Авганистан да стане база за ујгурските милитанти од кинеската западна провинција Синџијанг, каде што властите, според Соединетите Држави и другите западни земји, имаат огромна мрежа на кампови во кои се интернирани припадници на муслиманското малцинство.

Ванг затоа нагласи дека Исламското движење на источен Туркменистан (ЕТИМ), кое Вашингтон го отстрани од листата на терористички организации, претставува директна закана за националната безбедност и територијалниот интегритет на Кина.

Дека паднала спогодба со талибанците за ЕТИМ потврди портпаролот на движењето Сухаил Шахин, кој потврди дека Барадар ветил дека „територијата на Авганистан нема да се искористи за загрозување на безбедноста на која било земја, вклучително и Кина“.

Пекинг има и економски интереси во градењето добри односи со талибанците. Богатите наоѓалишта на минерали во Авганистан со децении се магнет за кинеските инвеститори, особено бидејќи низ оваа земја во југозападна Азија минуваат важни трговски рути. Во соопштението од состанокот посебно се посочува дека талибанците изразиле надеж дека Кина ќе биде повеќе вклучена во процесот на помирување, но и дека ќе има поголема улога во идната обнова и економски развој на Авганистан.

Ваквата меѓународна промоција на талибанците не му се допаѓа на авганистанскиот претседател Ашраф Гани, кој ги повика светските лидери да не ги гледаат талибанците како „влада на чекање“: „Ова не се талибанците од 20 век, туку манифестација на транснационални терористички мрежи и транснационални криминални организации“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе

Ако денес направиме една историска книжевна паралела, драмското дело на Стефановски ќе го квалификуваме како антологиски бисер, кого и сегашните и идните генерации ќе го чуваат како неодминлив столб на целокупната македонска драмска литература.

повеќе