Атлантик

Тајната кореспонденција помеѓу Викиликс и синот на Трамп

Организацијата за транспарентност побарала соработка од синот на претседателот - да ги споделува нејзините дела, да ги оспори резултатите од изборите и да го постави Џулијан Асанж за австралиски амбасадор во САД.

Нешто пред полноќ на 20 септември 2016 година, во зенитот на минатогодишните претседателски избори, од твитер-профилот на Викиликс е испратена приватна директна порака до Доналд Трамп Џуниор, најстариот син на републиканскиот кандидат. „Ќе стартува анти-Трамп сајт putintrump.org, воден од една политичка акциона комисија“, напишал Викиликс. „Комисијата е рециклираниот политички комитет што ја поддржуваше војната во Ирак. Ја погодивме лозинката. Таа е 'putintrump'. Во делот 'За нас' видете кој стои зад тоа. Некаков коментар?“ (Веб-страницата, која оттогаш стана заеднички проект со Мадр Џонс, е основана од техничкиот претприемач Роб Глејзер, и беше финансирана од политичката акциона комисија Напредок за САД.)

Следното утро, околу 12 часа подоцна, Трамп Џуниор му одговорил на Викиликс. „Неофицијално, не знам кој е тоа, но ќе се распрашам“, напишал тој на 21 септември 2016 година. „Благодарам“.

Пораките, до кои дошол Атлантик, адвокатите на Трамп Џуниор им ги предале на конгресните истражители. Тие се дел од долгата и во голема мера еднострана кореспонденција меѓу Викиликс и синот на претседателот, која продолжила најмалку до јули 2017 година. Пораките покажуваат дека Викиликс, радикална организација за транспарентност, за која американската разузнавачка заедница смета дека е избрана од руската влада да ги шири информациите што таа ги има хакнато, активно барала соработка од Трамп Џуниор. Викиликс имал серија сè похрабри барања, вклучувајќи ги и барањата за даночните пријави на Трамп, потоа кампањата на Трамп на денот на изборите да ги отфрли резултатите како фалсификувани и новоизбраниот претседател да ѝ каже на Австралија да го назначи Џулијан Асанж за амбасадор во Соединетите Американски Држави.

„Во текот на последните неколку месеци соработувавме со секоја комисија и доброволно им предадовме илјадници документи како одговор на нивните барања“, рече Алан Футерфас, адвокат на Доналд Трамп Џуниор. „Ако го оставиме на страна прашањето зошто или од кого биле селективно пуштани таквите документи, доверени на Конгресот со ознака на доверливост, можеме со сигурност да кажеме дека немаме никаква грижа во врска со овие документи и дека сите прашања што беа покренати со нив беа лесно одговорени.“

Викиликс не одговорил на барањето на Атлантик за коментар.

Пораките му беа предадени на Конгресот како дел од разните тековни истраги на ова тело за руското мешање во претседателската кампања во 2016 година. Американските разузнавачки служби го обвинија Кремљ дека намерно се обидувал да ги зголеми шансите на претседателот Доналд Трамп и да ја собори неговата демократска ривалка, Хилари Клинтон. Овој обид и одговорот на претседателот на него - предизвикаа повеќекратни конгресни истраги, како и специјална адвокатска истрага што доведе до обвинение за поранешниот претседател на кампањата на Трамп Пол Манафорт, за финансиски криминал.

Не е јасно што ќе извадат истражувачите од кореспонденцијата, која претставува мал дел од илјадниците документи за кои адвокатот на Доналд Трамп вели дека им ги предал. Сепак, ризикот за семејството Трамп е голем. Состанокот на Трамп Џуниор во јуни 2016 година со Наталија Веселницкаја, руска адвокатка поврзана со моќниот руски јавен обвинител, веќе е предмет на интерес на истрагата на специјалниот советник Роберт Милер, како и изјавата на Белата куќа во која го брани. (Трамп Џуниор добил по мејл понуда за „информација што би ја инкриминирала Хилари“ и одговорил: „Ако е тоа тоа што го велите, ја сакам.“) Пораките разменети со Викиликс се втора инстанца во која Трамп Џуниор се чини желен да добие штетни информации за Хилари Клинтон, и покрај нивното потекло.

Иако Трамп Џуниор главно ги игнорирал честите пораки од Викиликс, понекогаш се чини дека се заангажирал по нивно барање. На пример, кога Викиликс најпрво му пишал на Трамп Џуниор за putintrump.org, овој одговорил дека „ќе се распраша“. Според еден извор запознаен со конгресните истраги за вмешаноста на Русија во кампањата за 2016 година, кој побара анонимност, бидејќи е во тек истрага, истиот ден кога Трамп Џуниор ја примил првата порака од Викиликс, тој испратил мејл до други високи функционери во кампањата на Трамп, меѓу кои и Стив Банон, Келиен Конвеј, Бред Парскале и зетот на Трамп Џаред Кушнер, велејќи им дека Викиликс го контактирал. Во ниту еден момент за време на 10-месечната преписка Трамп Џуниор не го одбива Викиликс, кој објави украдени документи и веќе беше забележано дека пушта информации што им користат на руските интереси, вели Атлантик.

Викиликс играше клучна улога во претседателската кампања. Во јули 2016 година, на првиот ден од Демократската национална конвенција, Викиликс објави пораки од серверите на Демократската национална комисија (ДНК) украдени пролетта. Мејловите покажаа дека функционери од ДНК го клеветат Берни Сандерс, што ги обнови тензиите во пресрет на Клинтоновото прифаќање на кандидатурата. На 7 октомври, помалку од еден час откако Вашингтон пост ја објави лентата „Пристап до Холивуд“, во која Трамп се фали со сексуални напади врз жените, Викиликс објави мејлови што хакерите ги извлекле од личната мејл-архива на менаџерот на кампањата на Клинтон, Џон Подеста.

На 3 октомври, 2016 година, Викиликс пак пишал. „Здраво, би било прекрасно кога вие дечки би можеле да ја коментирате / поттурнете оваа приказна“, предложил Викиликс наведувајќи цитат од тогашната демократска кандидатка Хилари Клинтон, која вели дека би сакала едноставно да „го избомбардира со дрон“ основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.

„Веќе го сторив тоа денес“, одговара Трамп Џуниор по час и половина. „Неверојатно е што сè ѝ проаѓа на неа“.

Две минути подоцна, Трамп Џуниор повторно пишал, прашувајќи: „Што стои зад ова протекување во среда, за кое постојано читам?“ Еден ден претходно, Роџер Стоун, неформален советник на Доналд Трамп, напиша на Твитер: „Среда @ Хилари Клинтон е готова. #WikiLeaks.“

Викиликс не одговорил на таа порака, но на 12 октомври 2016 година повторно му пишал на Трамп Џуниор. „Еј Доналд, фино што ти и татко ти зборувате за нашите публикации“, напишал Викиликс. (На митинг на 10 октомври Доналд Трамп рече: „Го сакам Викиликс!“)

„Убеди го татко ти да го твитне овој линк ако нè спомне“, продолжил Викиликс, посочувајќи му го Трамп Џуниор линкот wlsearch.tk, за кој вели дека ќе им помогне на приврзаниците на Трамп да копаат низ украдените документи и да најдат приказни. „Има многу одлични приказни што медиумите ги немаат и ние сме сигурни дека некои од вашите приврзаници ќе ги најдат“, продолжил Викиликс. „Инаку, ние ги објавивме само мејловите на Подеста Дел 4.“

Трамп Џуниор не одговорил на оваа порака. Но само 15 минути по испраќањето, како што истакна Бајрон Тау од Вол стрит џурнал, самиот Доналд Трамп твитна: „Нечесните медиуми зедоа многу малку од неверојатните информации обезбедени од Викиликс. Толку нечесно! Наместен систем!“

Два дена подоцна, на 14 октомври 2016 година, Трамп Џуниор го објави линкот што му го дал Викиликс. „За оние што имаат време да читаат за целата корупција и лицемерство, сите мејлови од @wikileaks се тука: http://wlsearch.tk/“, напиша тој.

Од овој момент, Трамп Џуниор престанува да одговара на директните пораки на Викиликс, но Викиликс ги зголемува своите барања.

„Еј Дон. Имаме една необична идеја“, напишал Викиликс на 21 октомври 2016 година. „Дај ни една или повеќе од даночните пријави на татко ти“. Викиликс потоа изложил три причини зошто ова би било од корист и за Трампови и за Викиликс. Прво, Њујорк тајмс веќе објави дел од даночните пријави на Трамп на 1 октомври; второ, другите може да излезат во секое време „преку некој најпристрасен извор (на пример, Њујорк тајмс/Ем-ес-ен-би-си)“.

Сепак, за третата Викиликс пишува дека „е вистинското нешто“. „Ако ги објавиме, тоа драматично ќе ја подобри перцепцијата за нашата непристрасност“, објаснил Викиликс. „Тоа значи дека огромното количество работи што ги објавуваме за Клинтон ќе имаат многу поголемо влијание, бидејќи нема да се смета дека доаѓа од 'про-Трамп' 'проруски' извор“. Потоа се даваат мејл-адреса и линк каде што кампањата на Трамп би можела да ги испрати даночните пријави и се додава: „Истото важи и за сите други негативни работи (документи, снимки) за кои вие мислите дека има пристојна шанса да излезат. Дозволете ни да ги објавиме.“

Трамп Џуниор не одговорил на оваа порака.

Викиликс потоа не напишал ништо сè до денот на изборите, 8 ноември 2016 година. „Здраво Дон, ако татко ти 'загуби', мислиме дека е многу поинтересно ако НЕ СЕ повлече и ако ги ПРЕДИЗВИКУВА медиумите и други видови местенки што се случија - како што тој веќе навести“, напишал Викиликс во 18:35, кога идејата дека Клинтон ќе победи сè уште е општоприфатено мислење. (Сè до 19 часот таа вечер, Фајв трти ејт, угледен прогнозер на изборите, ѝ даваше на Клинтон 71 отсто шанси да стане претседател.) Викиликс инсистирал дека оспорувањето на изборните резултати ќе биде добро за потенцијалните планови на Трамп да покрене медиумска мрежа ако не стане претседател. „Дискусијата може да биде конструктивна бидејќи ја изложува корупцијата во медиумите, примарната корупција, корупцијата во политичките акциони комисии итн.“, напишал Викиликс.

Кратко по полноќ тој ден, кога беше јасно дека Трамп ги надмина сите очекувања и стана претседател, Викиликс му испратил едноставна порака: „Уау“.

Трамп Џуниор не одговарал ни на овие пораки, но Викиликс не се обесхрабрувал. „Здраво Дон. Се надеваме дека си добро!“, му пишал Викиликс на 16 декември на Трамп Џуниор, кој тогаш веќе беше син на новоизбран претседател. „Во однос на Асанж: Обама / Клинтон извршија притисок врз Шведска, Велика Британија и Австралија (неговата матична земја) за нелегално гонење на Асанж. Би било навистина лесно и корисно твојот татко да предложи Австралија да го назначи Асанж за амбасадор во Вашингтон“.

Викиликс дури имал и замислено како Трамп може да го каже тоа: „'Тој е стварно паметен и цврст дечко и најпознатиот Австралиец што го имате!' или нешто слично“, напишал Викиликс. „Тие нема да го сторат тоа, но ќе ги испратат вистинските сигнали до Австралија, Велика Британија + Шведска да почнат да го следат законот и да престанат да го искривуваат за да им се умилкуваат на Клинтонови“. (На 7 декември, Асанж, велејќи дека е невин, го објави своето сведочење пред истражителите од Лондон што ги истражуваа обвинувањата дека тој извршил сексуален напад.)

Во зимата и пролетта, Викиликс во голема мера молчел, само повремено испраќајќи му линкови на Трамп Џуниор. Но на 11 јули 2017 година, три дена откако Њујорк тајмс објави за состанокот на Трамп Џуниор во јуни 2016 година со руската адвокатка Наталија Веселницкаја, која е поврзана со моќниот јавен обвинител на Русија, Викиликс повторно стапил во контакт.

„Здраво Дон. Жал ни е што слушаме дека имате проблеми“, напишал Викиликс. „Имаме идеја што може малку да помогне. Ние сме МНОГУ заинтересирани за доверливо добивање и објавување примерок од мејл(овите) цитирани денеска во Њујорк тајмс“, наведувајќи референца од весникот за мејловите што Трамп Џуниор ги разменил со Роб Голдстоун, издавач што помогнал да се договори средбата. „Мислиме дека ова е ептен во ваш интерес“, продолжил Викиликс. Потоа тие повторуваат голем број од истите аргументи во обидот да го убедат Трамп Џуниор да им ги предаде даночните пријави на својот татко, вклучувајќи го и аргументот дека непријателите на Трамп во медиумите ги користеле мејловите за да спинуваат неповолен наратив од состанокот. „Нашето објавување не само што ќе ги лиши од оваа можност, туку и фино ќе ги збуни.“

Пораката била испратена во 9:29 часот на 11 јули. Трамп Џуниор не одговорил, но само неколку часа подоцна самиот ги објави пораките, на својот сопствен профил на Твитер.

Промовирање на родителското отсуство и за таткото на детето кое како опција постои во Законот за работните односи, но само ако не го користи работничката.

повеќе

(Полемика: „Стратегија за прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во ООН“, Игор Јанев, МКД.мк, 11 ноември 2017)

повеќе

Зоран Заев од позиција на премиер удира во самите темели на асномска, антифашистичка Македонија.

повеќе