Во писмото во кое увид имал Ројтерс, косовскиот претседател Хашим Тачи го известува Трамп дека ќе го добие косовскиот медал Орден на слободата.
Двајцата соработници на Трамп, советникот за национална безбедност Роберт О’Брајан и специјалниот пратеник на Трамп за преговори меѓу Србија и Косово Ричард Гренел, треба да добијат Претседателски медал за заслуги.
Гренел ја сподели веста на Твитер и му честиташе на Трамп на одликувањето.
Српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти на 4 септември во Белата куќа се обврзаа дека ќе ги нормализираат економските односи. Во присуство на Трамп, секој потпиша примерок на документот наречен „Економска нормализација“. Верзиите на документите се разликуваат само во последната од 16 точки.
Во писмото, Тачи изрази „длабока благодарност до Трамп за неговиот личен придонес во постигнувањето договор" и го покани да го посети Косово.