„До сега 77 земји пријавиле случаи на зараза со омикрон сојот, но реалноста е дека омикрон веќе се наоѓа во повеќето земји иако уште не е детектиран. Омикрон се шири со брзина која никогаш претходно не сме ја виделе со кој било друг сој“, кажа генералниот директор на СЗО Тедрос Адханом Гебрејесус на прес-конференција.
Шефот на здравствената агенција на ОН кажа дека се загрижени поради тоа што луѓето сметаат дека омикрон е бениген.
„Иако омикрон предизвикува помалку сериозно заболување бројот на случаи би можел да ги преплави здравствените системи кои не се подготвени“, кажа тој.
Тој исто така ја предупреди меѓународната заедница дека вакцините сами по себе нема да овозможат излез од оваа криза и повика да се искористат сите постоечки антиковид алатки како носењето маски, редовното проветрување на затворените простории и почитувањето на дистанцата.
„Правете го сите тоа, правете го кохерентно, правете го добро“, кажа Гебрејесус.
Тој кажа и дека појавата на омикрон поттикнала некои земји да понудат дополнителни бустер дози од вакцините за своето возрасно население и тоа иако нема докази за ефикасноста на тие бустери против новиот сој на вирусот.
СЗО стравува дека тие програми ќе придонесат на акумулација на антиковид вакцините во богатите земји, како и до сега, и ќе ја отежнат вакцинацијата во сиромашните земји.
Тој истакна дека сака јасно да каже дека СЗО не е против бустер дозите од вакцините туку дека е против вакциналната нееднаквост.