„Вакцината не значи дека вирусот ќе исчезне“, кажа Мајк Рајан кој во агенцијата на ОН е задолжен за вонредни ситуации, додавајќи дека вакцините „не можат сами да ја завршат работата“.
„Ја достигнавме точката на прекршување на кривата на пандемијата. Ги повикуваме сите и понатаму да вложуваат напори“ во сузбивањето на ковид-19, додаде тој.
Шефицата за управување со пандемијата во СЗО, Американската Марија вон Керков која го придружуваше, ги повика сите „навистина да размислат како ќе се однесуваат“ за време на Божиќ и новогодишните празници за да се ограничи ширењето на коронавирусот.
„Одлуките кои ќе ги донесеме сега можат за нас и нашите семејства да значат живот или смрт“, истакна таа.
Пандемијата на коронавирусот, со кој се заразија повеќе од 65 милиони луѓе во светот, а од последиците умреа над 1,5 милиони, повторно забрзано се шири низ светот додека некои земји се подготвуваат за масовно вакцинирање.
„Напредокот остварен со вакцините на сите ни го крева моралот и сега конечно можеме да го видиме светлото на крајот на тунелот“, кажа главниот директор на СЗО Тедрос Адханом Гебрејесус.
Но, предупреди на „сè пораширеното мислење дека пандемијата поминува“.
Британија е првата и засега едниствена земја која ја одобри вакцината на Бајонтек и Фајзер и најави дека во вторник планира да почне со кампања на вакцинирање.
На Американската агенција за лекови ѝ се обратија и Фајзер и Модерна и во случај да ги одобри, тие две вакцини би биле на располагање во САД до крајот на оваа година. Европската Унија за одобрување на вакцините треба да одлучува на крајот на декември.
Во Русија претседателот Владимир Путин побара до крајот на следната недела да се почне со масовни вакцинирања со руската вакцина Спутник V.