„Тоа е сигурен резултат, не дозволувајте да ве лажат, бидејќи ќе пробаат“, им рече на новинарите Ричард Пето, независен статистичар ангажиран од СЗО за да го процени нејзиното истражување. Тој тврди дека секоја придобивка од ремдесивир може да се должи на случајност, пренесе Ројтерс.
Студијата на четири антивирусни лекови финансирана од СЗО, вклучувајќи ги ремдесивир и хидроксихлорокин, вклучи повеќе од 11.000 пациенти со ковид-19 во 30 земји. Откриено е дека сите тестирани лекови имаат „мало или никакво влијание“ врз смртноста, потребата за вентилација или врз бројот на денови поминати во болница.
Инвеститорот на „ремдесивир“, „Гилеад саенсес“, истакна дека резултатите од испитувањето не биле разгледани од рецензенти и тврди дека тие „се чинат противречни на посилните докази од поголем број контролирани студии по случаен избор објавени во рецензирани списанија.“ Компанијата со седиште во Калифорнија соопшти дека придобивките од ремдесивир за пациентите со ковид-19 биле докажани во три претходни испитувања, чии резултати минатата недела биле објавени во Њу Ингланд џурнал оф медисин.
Ремдесивир е единствениот антивирусен лек што е одобрен за лечење пациенти со ковид-19 во САД. Претседателот Доналд Трамп, покрај другите третмани, примаше и ремдесивир кога заздравуваше од вирусот во почетокот на овој месец.