По опсежна студија во 30 земји

СЗО го означи ремдесивир како лек што не е ефикасен против коронавирусот

Антивирусниот лек што нашироко се користеше за лечење на хоспитализираните пациенти не ја намали стапката на смртност, покажа мултинационалното испитување.

Фото: ЕПА

Ремдесивир, хидроксихлорокин, лопинавир / ритонавир и интерферон произведуваат слаб или никаков резултат во лечењето на ковид-19, се вели во денешното соопштение на Светската здравствена организација, во кое се наведува студија на над 11.000 луѓе во 30 земји. Податоците, кои вчера беа објавени на интернет, сѐ уште не се рецензирани, ниту објавени во научно списание.

„За само шест месеци, најголемото контролно истражување по случаен избор во светот на лековите за ковид-19 даде убедливи докази за ефикасноста на пренаменетите лекови за третман на ковид-19“, соопшти светската организација. „Привремените резултати од Солидарното испитување лекови, координирано од Светската здравствена организација, укажуваат дека примената на ремдесивир, хидроксихлорокин, лопинавир / ритонавир и интерферон имаат мало или воопшто немаат влијание врз 28-дневната смртност или врз болничкиот тек на ковид-19 меѓу хоспитализираните пациенти“.

„Ова го затвора прашањето – со сигурност нема корист од лекот во однос на стапката на смртност“, рече д-р Илан Шварц, специјалист за заразни болести од Универзитетот Алберта во Канада, пренесе Њујорк тајмс.

Но д-р Питер Чин-Хонг, експерт за заразни болести од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, е попретпазлив.

Огромните истражувања како ова, спроведено во разни земји со различни здравствени системи, може да доведе до недоследни протоколи за третман чии ефекти може да бидат тешки за анализа, рече тој.

„Загрижени сме за толку многу работи“, рече д-р Чин-Хонг. „Овој лек е само дел од тоа“.

Студијата, која опфати повеќе од 30 земји, ги истражуваше ефектите на ова лечење врз целокупната смртност, ставањето на вентилација и времетраењето на престојот во болница на хоспитализираните пациенти.

Претходно, американската фармацевтска компанија Гилеад саенсес соопшти дека нејзиниот лек со име ремдесивир помага да се намали периодот на оздравување кај пациентите со коронавирус на четири дена. Конечната анализа, објавена во „Њу Ингланд џурнал оф медисин“ на 8 октомври, сугерираше „тренд кон намалена смртност“ кај одредени пациенти што примале ремдесивир, според Гилеад.

Компанијата вчера ги оспори заклучоците на студијата на СЗО, истакнувајќи дека разновидни лекови и комбинации на лекови биле проценувани под широк спектар на околности и дека некои поригорозни студии заклучиле дека лекот е корисен.

Поради нејзината форма, постоеше „значителна хетерогеност“ во начинот на спроведување на студијата. „Според тоа, не е јасно дали може да се извлечат некои заклучоци од резултатите од студијата“, рече компанијата во соопштението.

Некои земји, меѓу кои и Соединетите Држави, Јапонија, Јужна Кореја, Индија, Израел и Велика Британија, ја одобрија употребата на ремдесивир за третман на пациенти со ковид-19. Лекот првично беше развиен за третман на хепатитис Ц и инфекција на респираторниот синцицијален вирус (РСВ). Беше проучуван и за третман на ебола, но не се покажа успешен. Ремдесивир се користеше при лечењето на американскиот претседател Доналд Трамп по инфекцијата со коронавирусот.

Пред два дена македонското Министерство за здравство објави дека Македонија, преку ЕУ, доби пристап до лекот ремдесивир. Заедничкиот договор за набавка е потпишан од 36 земји, вклучувајќи ги земјите од ЕУ, Норвешка и Исланд, Обединетото Кралство и шест земји сегашни и потенцијални ЕУ кандидати, во кои освен Македонија, директна набавка на лекот можат да направат и Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе

Време е да се слушнат мислењата на 30-те компании кои најдобро се справуваат со кризата.

повеќе

Мицкоски треба да побара собраниска расправа за односите со Бугарија или во перцепцијата на јавноста ќе биде изедначен со Заев. Лидерските средби не се институционална форма.

повеќе