СЗО алармира за зголемениот број починати од ковид во Европа

Светската здравствена организација во понеделникот предупреди дека до декември во Европа уште 236.000 луѓе би можеле да умрат од ковид, алармираше за зголемениот број на заразени и за стагнацијата на стапките на вакцинирање низ целиот континент. Унгарија, Босна и Херцеговина, Чешка, Македонија и Бугарија се меѓу земјите со најголема смртност.

Фото: ЕПА

Предупредувањето доаѓа додека светот ја преминува мрачната граница од 4,5 милиони починати од ковид од почетокот на пандемијата, според извештајот на АФП во понеделникот.

Стапките на новозаразени повторно се зголемуваат на глобално ниво, додека преовладува високозаразниот делта-сој - особено кај невакцинираните – демнејќи над популациите каде што антивирусните мерки се олабавени, пренесува Еурактив.

Во Јужна Африка научниците следат нов сој на коронавирусот со невообичаено висока стапка на мутации. Националниот институт за заразни болести во понеделникот соопшти дека Ц.1.2. може да мутира речиси двојно побрзо од другите соеви во светот. Меѓутоа, неговата честота останува релативно ниска и досега е пронајден во помалку од три проценти од геномите што се секвенционирани откако беше откриен во мај - иако ова минатиот месец се зголеми од 0,2 на 2%.

Но тој е откриен во сите јужноафрикански провинции, како и во Кина, Велика Британија, Нов Зеланд и Маурициус.

Во уште еден знак на загриженост, Европската Унија во понеделникот препорача земјите-членки повторно да воведат ограничувања за патување на американските туристи поради зголемените инфекции со ковид во земјата.

„Израел, Косово, Либан, Црна Гора, Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави се отстранети од списокот“, се вели во соопштението на Европскиот совет, кој ги претставува 27-те влади на блокот.

Бројот на случаите во Соединетите Држави се зголеми бидејќи се прошири позаразниот делта-сој и голем дел од населението одби да се вакцинира.

Шефот на СЗО за Европа во понеделникот рече дека бројот на заразените и починатите повторно е во пораст во Европа, особено во посиромашните нации на Балканот, Кавказ и Централна Азија.

„Минатата недела имаше 11% зголемување на бројот на починатите во регионот - една сигурна проекција очекува 236.000 починати во Европа до 1 декември“, рече директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге.

Европа веќе има регистрирано околу 1,3 милион починати од ковид до денес.

Четири европски земји се во првите шест земји во светот според бројот на починатите од ковид-19 на 1 милион жители заклучно со 30 август. Првите шест се рангирани вака: Перу, Унгарија, Босна и Херцеговина, Чешка, Македонија, Бразил.

Од 53 земји-членки на СЗО Европа, 33 регистрираа стапка на инциденца поголема од 10% во изминатите две недели, рече Клуге, главно во посиромашните земји.

Високите стапки на пренос низ континентот беа „длабоко загрижувачки, особено во контекст на ниската стапка на вакцинација кај приоритетните популации во голем број земји“.

Клуге рече дека делумно е виновен делта-сојот, заедно со „претераното олеснување“ на ограничувањата и мерките и напливот на летни патувања.

Додека околу половина од луѓето во европскиот регион на СЗО се целосно вакцинирани, вакцинацијата во регионот е забавена.

„Во изминатите шест недели, таа падна за 14%, под влијание на недостигот од пристап до вакцини во некои земји и неприфаќањето на вакцините во други.“

Само шест проценти од луѓето во земјите со низок и среден приход во Европа се целосно вакцинирани, а некои земји успеаја да вакцинираат само еден од 10 здравствени работници.

Вакцини за наставниците

Клуге нагласи дека со оглед на тоа што мерките против ковид се олабавени на многу места, „прифаќањето на вакцинацијата кај јавноста е клучно“.

„Скептицизмот кон вакцината и негирањето на науката нѐ спречува да ја стабилизираме оваа криза. Тоа не ѝ служи на ниедна цел и не е добро за никого“.

СЗО и УНИЦЕФ ги повикаа европските земји да ги направат наставниците приоритетна група за вакцинација за да можат училиштата да останат отворени.

Како што завршуваат летните одмори, агенциите велат дека е „од витално значење учењето во училница непречено да продолжи“.

„Пандемијата го предизвика најкатастрофалното нарушување на образованието во историјата“, рече Клуге.

Агенциите ги повикаа земјите да ги вакцинираат децата над 12-годишна возраст што имаат веќе постоечки болести, што ги става во поголем ризик од тежок ковид-19.

Надвор од Европа, во понеделникот стотици училишта во главниот град на Индонезија, Џакарта, ги отворија вратите за учениците. Но некои родители се спротивставија на враќањето на учењето со физичко присуство, само неколку недели откако Индонезија ги надмина Индија и Бразил како глобален епицентар на пандемијата.

„Ќерка ми не е вакцинирана, а делта-сојот се шири како луд“, рече Асмара Врексоно, мајка на третоодделенка, за АФП.

„Се чувствувам лошо затоа што на мојата ќерка ѝ недостасуваат пријателите, но мојот приоритет е да го одржувам моето дете живо и здраво“, додаде таа.

Индонезија во јули го објави својот најлош пораст на коронавирусни инфекции, што предизвика карантин. Оттогаш бројот на заразените се намали, но во изминатата недела во просек дневно се регистрираат над 13.000 нови случаи.

Во меѓувреме, во САД, една жена доби судски налог за болница во Охајо да го лекува нејзиниот сопруг, кој е на вентилатор со ковид-19, со антипаразитскиот лек ивермектин, додека се зголемува побарувачката за овој недокажан лек за коронавирусот.

Случајот е еден од неколкуте на национално ниво каде што судовите застанаа на страната на странката што сака да го употреби лекот, и покрај слабите докази за неговата ефикасност против ковид и порастот на повиците до центрите за отрови како резултат на неговата погрешна примена, вклучително и внесување силни лекови за добиток.

По околу 10.000 починати од ковид сега се пријавуваат секој ден низ целиот свет, што сепак е пониска бројка од највисоките вредности во јануари, кога просечно умираа по 14.800 луѓе дневно.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Зголемувањето на цените на храната се случува од причини кои се многу посложени отколку зголемувањето на другите цени, така што справувањето со тие причини бара различни стратегии. 

повеќе

Оние кои што најмногу сакаат карикатури засновани на црн хумор, имале највисоки мерки на вербалните и невербалните тестови на интелигенција, односно потребна е извесна интелигенција, добро расположение и смиреност да се препознае и ужива во црниот хумор, покажуваат истражувањата.

повеќе

Засега нема причина за паника, но треба внимателно да му пристапиме на наративот дека омикрон предизвикува лесна форма на КОВИД-19 која побрзо ќе доведе до крај на пандемијата.

повеќе