Рамноправен пристап и за богатите и за сиромашните

Светски план за борба против ковид-19, но без САД

Светските лидери ветија дека ќе ја забрзаат работата на тестовите, лековите и вакцините за ковид-19 и ќе ги дистрибуираат низ целиот свет, но Соединетите Држави не учествуваа во покренувањето на иницијативата на Светската здравствена организација (СЗО).

Францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел и јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса се придружија, меѓу другите, на видеоконференцијата по повод покренувањето на борбата против пандемијата.

Целта е да се забрза производството на безбедни и ефикасни лекови, тестови и вакцини за спречување, дијагностицирање и лечење на ковид-19, болеста на белите дробови предизвикана од новиот коронавирус - и да се осигури дека и богатите и сиромашните ќе добијат еднаков пристап до терапијата, пренесе Ројтерс.

„Соочени сме со заедничка закана, која можеме да ја победиме само со заеднички пристап“, рече директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, во почетокот на виртуелниот состанок.

„Искуството ни кажува дека и кога била достапна заштитата, таа не била подеднакво достапна за сите. Не можеме да дозволиме да се случи тоа“.

За време на пандемијата на свински грип во 2019 година, се појавија критики дека дистрибуцијата на вакцините не била праведна, бидејќи богатите земји можеле да купат повеќе.

„Мора да осигуриме дека ќе ги добијат луѓето на кои им требаат“, рече Питер Сендс, шеф на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.

„Лекциите од состојбата со СИДА мора да се научат. Премногу милиони луѓе умреа пред да стане широко достапна терапијата за лекување на СИДА“.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен рече дека целта на глобалната иницијатива во почетокот на мај ќе биде да се соберат 7,5 милијарди евра за да се забрза работата на превенцијата, дијагностицирањето и третманот.

„Ова е само првиот чекор и ќе бидат потребни уште повеќе во иднина“, рече Фон дер Лаен на конференцијата.

Лидерите од Азија, Блискиот Исток и Америка се приклучија на видеоконференцијата, но портпаролот на американската мисија во Женева претходно за Ројтерс рекол дека САД нема да учествуваат.

„Иако САД не присуствуваат на состанокот, нема простор за сомнеж во нашата решеност да продолжиме да го предводиме светот по повод глобалните здравствени проблеми, вклучувајќи ја и актуелната криза со ковид“, рекол тој преку имејл.

Макрон, Меркел, Рамафоса и шпанскиот премиер Педро Санчез изразија силна поддршка за СЗО. Макрон ги повика сите членови на Г7 и Г20 да застанат зад иницијативата.

„И се надевам дека ќе можеме да ги помириме Кина и САД по повод оваа заедничка иницијатива затоа што станува збор за тоа дека борбата против ковид-19 е заедничко човечко добро и не треба да има поделби за да победиме во оваа борба“.

Меркел рече дека акцијата се однесува на глобалното јавно добро, да се произведе вакцина и да се дистрибуира во сите делови на светот.

Рамафоса, претседател на Африканската унија, предупреди дека континентот, со генерално лоши здравствени стандарди, е „крајно ранлив на хаосот што го предизвикува вирусот и има потреба од поддршка“.

Повеќе од 2,7 милиони луѓе се заразени со коронавирусот, а над 195.000 починаа од почетокот на пандемијата во централниот кинески град Вухан кон крајот на минатата година.

„Кога ќе станат достапни нова дијагностика, терапија и вакцини, ние сме одговорни да ги споделиме подеднакво, имајќи предвид дека секој живот вреди исто“, рече Мелинда Гејтс, копретседавачка на фондацијата Гејтс, која минатата година го даде вториот најголем придонес во СЗО.

 

Целта е богатите и сиромашните да добијат еднаков пристап до терапијата

Во тек е работата на повеќе од сто потенцијални вакцини за ковид-19, вклучително и шест што веќе се во процес на клиничко тестирање, рече д-р Сет Баркли, извршниот директор на Сојузот за вакцини ГАВИ, јавноприватно партнерство што спроведува кампањи за имунизација во сиромашните земји.

„Треба да осигуриме дека има доволно вакцини за сите, ќе ни треба глобално лидерство за да ги идентификуваме и да ги одредиме приоритетите кога се во прашање кандидатите за вакцини“, рече тој на конференцијата во Женева.

Беркли додаде дека треба да се засили глобалниот производствен капацитет пред изборот на вакцината - „победник“ и додаде дека ГАВИ и Светската банка работат на ова прашање.

„Не можеме да дозволиме да се случи тоа што се случи во 2009 година - со вакцината за Х1Н1, кога немаше доволно залихи за земјите во развој или кога пратките пристигнаа многу подоцна“.

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

повеќе