Скокот од 42 милиони на почетокот на годината на 45 милиони луѓе на кои денес им се заканува глад е последица на ситуацијата во Авганистан, каде што дополнителни три милиони луѓе се соочуваат со глад, соопшти агенцијата на ОН со седиште во Рим.
„Десетици милиони луѓе се на раб на бездната. Судирите, промената на политиката и ковид-19 го зголемија бројот на гладни“, рече извршниот директор на ВФП, Дејвид Бисли.
„Последните податоци покажуваат дека 45 милиони луѓе се на раб на глад“, рече тој по патувањето во Авганистан, каде што ВФП им донесе помош на речиси 23 милиони луѓе.
„Цените на горивата растат, цените на прехранбените производи вртоглаво пораснаа, ѓубривата стануваат поскапи, сите овие фактори поттикнуваат нова криза како онаа што сега се случува во Авганистан, со веќе старите кризи како оние во Јемен и Сирија“, рече тој.
За спречување на гладот во светот потребни се седум милијарди долари, а тоа е пораст во однос на 6,6 милијарди долари на почетокот на годината.
Меѓутоа, традиционалните механизми за финансирање се преоптоварени, предупредуваат ОН.
ВФП истакнува дека семејствата се соочени со „страшни“ избори: принудени се да мажат се помлади и помлади девојчиња, да ги повлекуваат децата од училиште или да ги хранат со скакулци, лисја од кактуси...
Медиумските извештаи од Авганистан предупредуваат дека семејствата се „принудени да ги продаваат сопствените деца во очајнички обид да преживеат“, според ОН.
Бројните суши во Авганистан во комбинација со економскиот колапс тешко ги погодија семејствата.
Во Сирија, 12,4 милиони луѓе не знаат како да го обезбедат својот следен оброк и таа несигурност околу храната е најголема од почетокот на војната пред десет години во таа земја, вели ВФП.
Гладот е присутен во Етиопија, Хаити, Сомалија, Ангола, Кенија и Бурунди, се додава.