Новавакс

Светот добива нова вакцина против ковид, „ефикасноста ѝ е импресивна“

Епидемиолозите и научниците низ целиот свет денес беа воодушевени од веста за најновата вакцина против ковид-19, Новавакс.

Фото: ЕПА

Вакцината е направена од мала компанија со седиште во Мериленд (САД), која никогаш досега нема развиено вакцина на пазарот.

Новавакс е трет вид вакцина, која користи поинаква формула од Модерна, Фајзер, Астразенека и Џ&Џ.

Вакцината Новавакс содржи протеин на коронавирусот, кој го стимулира имунолошкиот систем да работи. Научниците го комбинирале овој протеин со соединение за зајакнување на имунолошкиот систем извлечено од дрвото Quillaja saponaria. Тие се обиделе да го сторат тоа без овој додаток, но вакцината така не функционирала.

Американската биотехнолошка компанија Новавакс денеска објави дека резултатите од клиничките испитувања во фаза 3 покажуваат дека нејзината вакцина против ковид-19 е ефикасна во повеќе од 90 проценти од случаите во спречувањето болест и дека обезбедува добра заштита од разните соеви на вирусот.

Во соопштението на компанијата се вели дека во студијата учествувале 29.960 учесници од 119 локации во САД и Мексико, со акцент на вклучување претставници од што е можно повеќе различни заедници и демографија.

Иако побарувачката за вакцини против ковид драматично опадна, потребата за повеќе вакцини низ светот останува голема, бидејќи многу земји во развој штотуку ги почнуваат програмите за вакцинација или сè уште не ги почнале.

Вакцината Новавакс, лесна за транспорт и чување, треба да игра значајна улога во зголемувањето на залихите на вакцини во земјите во развој. Во интервју за Асошиејтед прес, директорот на Новавакс, Стенли Ерк, рече:

„Многу од нашите први дози ќе бидат испратени во земјите со низок и среден приход, а тоа е нашата првична цел.“

Главниот советник на Белата куќа за пандемии, д-р Ентони Фаучи, за Вашингтон пост изјави дека вакцината е „навистина многу импресивна“, велејќи дека е на исто ниво со најефикасните вакцини развиени за време на пандемијата.

„За светската популација е многу важно да имаат високо ефективна вакцина за која се покажа дека е многу добра и безбедна во испитувањата“, повтори Фаучи.

Компанијата планира да аплицира за дозвола од регулаторот во третиот квартал од оваа година, кога ќе завршат последните фази на процесот на квалификација и ќе се потврди дека се исполнети сите стандарди во однос на хемискиот состав, производството и контролата.

Откако ќе добие дозвола од регулаторните тела, Новавакс најави дека е на пат да постигне производствен капацитет од 100 милиони дози месечно до крајот на третиот квартал, и 150 милиони дози месечно до крајот на 2021 година.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Стратешко партнерство на македонската влада со Зока енерџи солушнс, компанија регистрирана за обработка и отстранување на опасен отпад, не е правилен начин за решавање на проблемот во мала држава како Македонија.

повеќе

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации.

повеќе

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

повеќе