На Кашоги му се заканувал Сауд ал-Кахтани, кажал сведокот на второто судење на 26 осомничени во судот во Истанбул, објави Кристијан Мир од организацијата за слобода на медиумите Репортери без граници (РСФ).
„Кашоги зборуваше за телефонски разговор со Кахтани додека живееше во Вашингтон, велејќи дека тој знае каде живее Кашоги со своите деца“, напиша на Твитер директорката за меѓународни кампањи на РСФ, Ребека Винсент. Судењето на 26 осомничени во отсуство ќе продолжи на 4 март.
Кашоги беше убиен во 2018 година откако влегол во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул за да добие документи за венчавка со својата турска вереница Хатиџе Ченгиз. Таа го чекала пред зградата.
Турските власти веруваат дека Кашоги бил убиен од саудиски платеници и дека неговото тело потоа било распарчено и извлечено од конзулатот. Посмртните останки од тој колумнист на „Вашингтон пост“, жесток критичар на саудискиот престолонаследник, никогаш не се пронајдени.
Првото рочиште на судењето во Истанбул започнало во јули, првично против 20 Саудијци. Меѓу нив биле Кахтани и Ахмед ал-Асири, поранешен заменик на шефот на саудиската разузнавачка служба.
Турција додаде уште шест осомничени во септември, за кои бара казна затвор од пет години до доживотен затвор. Саудискиот суд претходно во септември осуди пет лица на дваесет години затвор, ублажувајќи ги претходно изречените смртни казни.