Последиците се алармантни

Сузбивањето на коронавирусот го забрзува ширењето на други болести

Многу акции за масовна имунизација низ светот пролетва беа прекинати за да се спречи ширењето на вирусот во преполните амбуланти. Последиците се алармантни, вели Њујорк тајмс.

Додека сиромашните држави низ целиот свет се мачат во борбата со коронавирусот, тие ненамерно придонесуваат за нови епидемии и умирања од други болести - болести што лесно се спречуваат со вакцините.

Оваа пролет, откако Светската здравствена организација и УНИЦЕФ предупредија дека пандемијата може брзо да се рашири кога децата ќе се соберат на вакцинација, многу земји ги прекинаа своите програми за вакцинирање. Дури и во земјите што се обидоа да продолжат со вакцинирањето, поради пандемијата беа запрени товарните летови со залихи од вакцини, а здравствените работници го свртеа целото свое внимание во борбата со неа.

Сега, во Пакистан, Бангладеш и Непал се појавува дифтерија.

Во Јужен Судан, Камерун, Мозамбик, Јемен и Бангладеш се јави колера.

Мутиран подвид на полиовирусот е пријавен во повеќе од 30 земји.

Сипаниците се разгоруваат низ целиот свет, вклучително и во Бангладеш, Бразил, Камбоџа, Централна Африканска Република, Ирак, Казахстан, Непал, Нигерија и Узбекистан.

Од 29 земји што во моментов ги прекинале вакцинациите за сипаници поради пандемијата, 18 пријавиле појава на епидемии. Уште 13 земји размислуваат за одложување. Според Иницијативата за сипаници и рубеола, 178 милиони луѓе се изложени на ризик поради недостиг од вакцини за сипаници во 2020 година.

Ризикот сега е „епидемија за неколку месеци што ќе убие повеќе деца од ковидот“, рече Чибузо Оконта, претседател на Лекари без граници во Западна и Централна Африка.

Додека сè уште трае пандемијата, СЗО и други меѓународни групи за јавно здравје сега ги повикуваат земјите внимателно да продолжат со вакцинацијата додека се борат со коронавирусот.

Во прашање е иднината на макотрпната 20-годишна соработка што спречи 35 милиони смртни случаи во 98 земји од болести што може да се спречат со вакцини и ја намали смртноста од нив кај деца за 44 проценти, се вели во студијата од 2019 година од групата јавноздравствени научници Моделирачки конзорциум за влијанието на вакцините.

„Имунизацијата е една од најмоќните и фундаментални алатки за превенција на болести во историјата на јавното здравство“, рече д-р Тедрос Аданом Гебрејесус, генерален директор на СЗО. „Нарушувањето на програмите за имунизација поради пандемијата на ковид-19 се заканува дека ќе го поништи повеќедеценискиот напредок против болестите што може да се спречат со вакцини, како што се сипаниците.”

Но има големи пречки за повторното почнување на вакцинациите. Сè уште тешко се доаѓа со залихи од вакцини. Здравствените работници сè повеќе со полно работно време работат на ковид-19, инфекцијата предизвикана од коронавирусот. А поради новиот бран поборници против вакцинирањето, родителите не ги носат децата во клиниките.

Многу земји допрва ќе бидат погодени од полната сила на самата пандемија, што дополнително ќе ги ослабне нивните способности за справување со појавата на други болести.

„Ќе имаме земји што се обидуваат да се опорават од ковид, а потоа ќе се соочат со сипаници. Тоа уште повеќе ќе ги исцрпи нивните здравствени системи и ќе има сериозни економски и хуманитарни последици“, вели д-р Робин Нанди, шеф на УНИЦЕФ за имунизација, кој доставува вакцини во 100 земји, кои ги добиваат 45% од децата под 5 години.

Проблемите со испораката на вакцини имаат сериозни последици и врз заштитата од самиот коронавирус.

На светскиот самит во почетокот од овој месец Гави, алијанса за вакцини, здравствено партнерство основано од фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, објави дека добило ветувања за 8,8 милијарди американски долари за основните вакцини за деца во семејства со сиромашни и средни приходи, и дека почнале иницијатива за испорака на вакцините за ковид-19 откако ќе бидат достапни.

Но додека службите се распаѓаат под товарот на пандемијата, „тие се истите оние што ќе бидат потребни за да се испрати вакцината против ковид“, предупреди д-р Кетрин О’Брајан, директорка на СЗО за имунизација, вакцини и биолошки состојби, за време на неодамнешниот веб-семинар за предизвиците за имунизацијата.

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе