Турција и Грција се гледаат преку нишан

Судирот на НАТО-сојузниците во Медитеранот се заканува да го запали регионот

Конфликтот во водите на источен Медитеран меѓу Грција и Турција, сојузници во НАТО, но и историски ривали, последниве денови ескалира, додека аналитичарите предупредуваат дека може да прерасне во воен конфликт и да се прелее во целиот регион.

Фото: ЕПА

Воените бродови од двете земји во вторникот покажуваа сила во спорниот регион на источен Медитеран, додека трката за нафтени и гасни резерви дополнително ги влоши регионалните ривалства.

Ситуацијата ескалираше кога Анкара неделава преку глобалниот систем НАВТЕКС испрати известување дека го продолжува траењето на мисијата за сеизмичко истражување во спорните води, која требаше да заврши во понеделникот. На истражувачкиот брод Орус Реис му се придружија поморски бродови, а турското Министерство за одбрана најави воени вежби во регионот.

Грција, која смета дека истражувањето на турскиот гас е нелегално, одговори со најавување поморски вежби на истата локација јужно од Турција и грчкиот остров Кастелоризо, нешто над километар и пол од турскиот брег.

Во екот на дипломатијата преку нишан, Атина вчера објави дека планира да ја прошири западната граница на своите територијални води во Јонско Море на 12 наутички милји од сегашните шест, а премиерот Киријакос Мицотакис рече дека парламентот наскоро ќе се изјасни за законот за таа тема. Законот е резултат на договорот со Италија потпишан во јуни, со кој се воспоставува ексклузивна економска зона и се решава долготраен спор околу правата на риболов во Јонско Море.

Сепак, Турција веднаш предупреди дека сличен потег на Атина на исток би бил „причина за војна“, пренесе Ројтерс.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја е подготвена да стори сè што е потребно за да ги задржи своите права во Црно Море, Егејско Море и Медитеранот.

„Ние нема да правиме компромис за она што ни припаѓа... решени сме да сториме сè што е потребно“, рече Ердоган, повикувајќи ги другите страни да избегнуваат грешки што би довеле до нивно уништување.

„Ако постои некој што е спремен да ја плати цената, може да ни се спротивстави. Ако не, тој треба да се сврти и да си замине за да можеме да продолжиме со работата“, рече Ердоган.

Поради очигледниот недостиг од интерес на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за она што се случува во регионот, Германија се обидува да посредува меѓу Грција и Турција и да спречи понатамошни поделби во НАТО, додека Франција отворено застана на страната на Грција и испрати два воени брода и борбени авиони во знак на солидарност.

Односите меѓу Франција и Турција се влошија во последните месеци, како резултат на дејствата на Анкара во НАТО, Либија и Медитеранот.

Би-би-си потсетува дека германските напори за постигнување договор меѓу Грција и Турција пропаднале претходно во јули. Турција направи пауза во истражувањата додека преговорите уште беа во тек. Меѓутоа, според тврдењата на турската влада, преговорите пропаднале откако Грција потпишала делумна поморска демаркација со Египет.

Територијалниот спор меѓу Турција, Грција и поделениот остров Кипар трае со години. Сепак, поморските ресурси на природен гас променија многу работи во последните пет години и донесоа нов контекст, во кој сè понаметливата Турција се бори со неколку други играчи.

Тоа го претвори Медитеранот во „клучен фронт за поголемите геополитички линии на раздвојување, кои ги вклучуваат ЕУ, Блискиот Исток и Северна Африка“, рече Мајкл Танхум од Институтот за европски и безбедносни студии во Австрија за Си-ен-ен.

И Франција и нејзиниот близок партнер, Обединетите Арапски Емирати, се натпреваруваат со Турција за влијание на Блискиот Исток и Африка. Источен Медитеран е местото каде што Франција и ОАЕ можат да извршат притисок врз Турција, а кое Анкара го смета за клучно за нејзините национални интереси.

Според студијата од 2010 година спроведена од американскиот институт за геолошки истражувања, во источен Медитеран има околу 1,7 милијарди барели нафта и околу 37 билиони кубни метри гас.

Меѓународно признаената Република Кипар, во која се зборува грчкиот јазик, им даде на меѓународните компании, како што се италијанската ЕНИ и француската Тотал, лиценци за истражување на резервите на гас во источен Медитеран. Турската влада тврди дека на овој начин кипарските Турци, на северот, се отсечени од јаглеводородните ресурси во регионот.

Списанието Економист неодамна објави дека, поради ниските цени на нафтата, големите нафтени компании ги одложуваат натамошните ископувања во близина на Кипар, додека транзицијата кон почиста енергија добива сè поголем замав. Енергетските компании се сè попребирливи кога станува збор за инвестициите. Економист посочува дека колку подолго се караат медитеранските водачи, толку се поголеми шансите нафтените ресурси на дното на морето и да останат таму. Танхум предупредува дека ризикот од спорот во источниот Медитеран е очигледен.

„Веќе дојде до еден конфликт помеѓу грчки и турски воен брод, во кој беше оштетен турски брод“, рече тој, осврнувајќи се на инцидентот пријавен во почетокот на овој месец. „Опасноста од погрешна процена и нови инциденти што може да предизвикаат отворен конфликт е опасно голема“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе