Светските медиуми за успехот на прогресивниот сенатор на гласањата

Стравот на демократите од социјализмот на Сандерс

Добриот почеток на прогресивниот сенатор Берни Сандерс на гласањата за претседателската номинација на Демократската партија ги збуни демократите од центарот кои стравуваат дека Сандерсовиот демократски социјализам би можел да ги загрози шансите за победа над претседателот Доналд Трамп на изборите во ноември.

Сандерс со тесна победа на партиските избори во Њу Хемпшир го зацврсти статусот на лидер во трката на претендентите за демократската претседателска номинација, укажува Ројтерс.

На гласањето во Њу Хемпшир на првите две места завршија Сандерс, прогресивниот сенатор од соседен Вермонт со 26 отсто од гласовите, и умерениот поранешен градоначалник од малото место Саут Бенд, Пит Бутиџиџ со 24 отсто од гласовите, додека на третото место со 20 отсто заврши центристичката сенаторка Ејми Клобачар. Сенаторката Елизабет Ворен, која исто така се смета за дел од левото крило, и поранешниот потпретседател Џо Бајден беа на четвртото и петтото место со едноцифрен процент гласови.

По победата во Њу Хемпшир, Сандерс кажа дека неговата кампања успешно допрела до работните луѓе, младите, малцинските заедници и оние кои веруваат во сочувството и правдата, што според него, е коалиција која ги добива изборите.

Меѓутоа, истакнува Ројтерс, многу демократи се загрижени дека изразено либералниот Сандерс ќе изгуби од Трамп на изборите во ноември.

Од друга страна Бутиџиџ, кој би бил првиот претседател на САД кој објавил дека е геј, и понатаму се соочува со проблемите на слабата поддршка меѓу црнците, истакнува Ројтерс, кои важат за еден од најлојалните на најважните гласачки блокови на демократите.

По претежно белите и рурални држави Ајова и Њу Хемпшир, демократите гласаат во демографски најразновидните држави – на 22 февруари во Невада, каде четврт од населението е со јужноамериканско потекло, а една недела подоцна во Јужна Каролина каде четвртина се Афро-Американците. Потоа следи гласањето на 3 март, таканаречениот „супер вторник“, кога одеднаш гласаат најголем број сојузни држави.

Аларм меѓу демократите

Демократите од центарот сакаат да го сопрат Сандерс, но не се сигурно кој кандидат во тоа би успеал, истакнува Њујорк тајмс, укажувајќи дека, ако набрзо не се истакне некој од умерените кандидати, партиските лидери би можеле да се свртат кон поранешниот градоначалник на Њујорк Мајкл Блумберг како потенцијален спасувач.

Демократските партиски избори, оценува њујоршкиот весник, влегуваат во сѐ понемирна фаза, откако на првите две гласања Бајден утна, додека Сандерс се издигна, иако ниеден кандидат не е во доминантна позиција во борбата за партиската номинација. Сепак, засега повеќето гласачи ги поддржуваат кандидатите поблиски до политичкиот центар, ставајќи ја како приоритет победата над Трамп во ноември.

Во естаблишментот на Демократската партија, досегашните гласања го продлабочија чувството на страв и фрустрација, истакнува весникот, додавајќи дека крахот на поддршката на Бајден и делењето на умерените гласачи меѓу неколку кандидати му овозможија на прогресивниот сенатор од Вермонт да победи во Њу Хемпшир и гласовите во Ајова да ги подели со Бутиџиџ.

Ако ниеден друг демократ не ја консолидира поддршката, Сандерс би можел да продолжи да победува на партиските гласања по држави, исклучиво врз основа на силната поддршка од својата база на левицата, што ги алармира лидерите на демократите кои сметаат дека Сандерс и неговиот демократски социјализам се голем ризик на изборите во ноември.

Толку многу што партиските лидери сѐ повеќе гледаат кон Блумберг, кој ќе биде на изборните листи на 3 март на „супер вторникот“, истакнува Њујорк тајмс, додавајќи дека во непогрешливиот показател на растот на силата на Блумберг и падот на Бајден, тројца црни членови на Конгресот го поддржале поранешниот градоначалник на Њујорк.

Одговорот на Сандерс

Демократите во потрагата по центристички кандидат кој би можел да го победи Трамп сѐ позагрижени се по гласањата во Ајова и Њу Хемпшир кои ја консолидираа поддршката на либералот Сандерс и го поделија големиот број умерени гласачи меѓу повеќе кандидати, истакнува Волстрит џурнал.

Сепак, предвидувањата кои кандидати имаат најдобри шанси за победа во ноември и кој ќе превагне на долгите партиски гласања во минатото се покажаа како несигурни, особено во олку рана фаза на изборите за претседателска номинација, укажува весникот и потсетува дека Барак Обама се соочи со сомнежи во партијата во 2008, како и Трамп во 2016.

Додека стравот меѓу демократите се заснова на размислувањето дека Сандерс како самопрогласен демократски социјалист тешко би можел да го победи Трамп, сенаторот од Вермонт и неговите поддржувачи веруваат дека Демократската партија би можела да се обедини околу него, како и дека ќе ги поттикне младите и клучни гласачи во Рѓосаниот појас кои преминаа на страната на републиканците во 2016.

Изборниот штаб на Сандерс оспорува дека би можел да ги оштети демократите во клучните изборни региони и тврди дека кандидатите во тие држави ја барале неговата помош на изборите за Конгресот во 2018, наведува весникот и укажува дека сенаторот од Вермонт тврди дека демократите мора да номинираат некој кој може да предизвика ентузијазам и да ги мобилизира младите, како и оние кои ретко гласаат.

Ако Бајден има добри настапи во Јужна Каролина и Невада, можеби би можел да ги убеди неодлучните демократи да застанат зад него, но според некои анкети, Сандерс минатата недела го презел лидерството на национално ниво откако Бајден со месеци водеше.

Балканизацијата на американските демократи

Судејќи по сѐ поголемата идеолошка поделба во Демократската партија, натпреварување за номинацијата на крајот би можела да се сведе на битка меѓу Блумберг и Сандерс – плутократот против социјалистот, оценува Фајненшл тајмс, истакнувајќи дека реалната константа меѓу демократите е дека повеќето не можат да смислат што сакаат.

Демократската партија се соочува со две главоболки, пишува ФТ. Првата е недостигот од ентузијазам, за што зборува малата излезност на партиското гласање во Ајова отколку во 2016. По трите години на администрацијата на Трамп, би требало да се очекува спротивното, бидејќи американската левица би требало да е водена од длабокиот гнев кон претседателот кој ги гази сите правила на игра и се заканува дека ќе биде уште полош во вториот мандат, но апатијата изгледа посилна од гневот.

Вториот проблем е речиси теолошката поделба меѓу Сандерс и остатокот на партијата. Сандерсовите поддржувачи се исклучок од остатокот од партијата каде се менува лојалноста кон лидерите – нивната лојалност е жестока и непренослива. Остатокот од партијата е на располагање, но се поставува прашањето кој би можел да ги освои тие гласови – Бутиџиџ, Клобачар или Блумберг кој секој ден за кампањата троши сѐ повеќе пари, па за неколку недели поддршката во анкетите од занемарлива скокна на над 10 отсто.

Крајниот исход е балканизираното поле на претседателските кандидати на Демократската партија какво досега не е видено, оценува ФТ укажувајќи дека во анкета на Си-ен-ен во Њу Хемпшир шест од 10 демократи кажале дека сакаат кандидат кој може да го победи Трамп, додека не е јасно што ги мотивира останатите 40 отсто.

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе