Стотици мртви, уништен град, 50°Ц: климатските промени ја пржат северната хемисфера (ВИДЕО)

Малото место Литон минатата недела беше жариште на топлински удар. Во вторникот во него беше измерена највисоката температура досега во историјата на канадските мерења - 49,6 Целзиусови степени.

Фото: скриншот

Канада во последните десет дена минуваше низ рекорден топлински бран, кој за повеќе од една недела уби повеќе стотици луѓе и предизвика повеќе од 150 шумски пожари низ Британска Колумбија.

Во Литон, место со само 250 жители, во текот на јуни вообичаените максимални температури се околу 25 степени. Минатата недела, сепак, ноќите беа потопли од вообичаената просечна температура за тој месец. Жителите на гратчето немаат многу клима-уреди, а нивните куќи всушност се дизајнирани да ја задржуваат топлината. Сега пожарите претворија голем дел од Литон во пепел и ги принудија неговите жители да бегаат.

 

Во САД се топеа патишта, 38 степени измерени во Арктичкиот круг

Научниците со децении предупредуваа дека климатските промени ќе предизвикуваат сѐ почести и поинтензивни налети на горештини. Тоа тукушто се случи во Канада, но и во многу други делови на северната хемисфера, кои стануваат сè помалку поволни за живот.

На пример, во северозападниот дел на САД оваа недела се топеа патишта, а на жителите на Њујорк им беше кажано да не користат апарати што трошат многу енергија, како што се машини за перење и сушење облека, за да избегнат преоптоварување на електричната мрежа.

Во Москва на 23 јуни беше измерена највисоката температура во јуни - 34,8 Целзиусови степени, а сибирските земјоделци имаат потешкотии со земјоделските култури и се борат со горештините за да ги спасат.

38 Целзиусови степени во Арктичкиот круг

Дури и во Арктичкиот круг температурите беа околу 30 степени. Светската метеоролошка организација (СМО) во моментов работи на регистрирање на највисоката температура некогаш забележана северно од Арктичкиот круг откако метеоролошката станица во Верхојанск на 20 јуни забележа 38 Целзиусови степени.

Во северозападна Индија десетици милиони луѓе беа погодени од топлински бран; во главниот град Њу Делхи и неговата околина во средата температурите не паднаа под 40 Целзиусови степени, што е всушност 7 степени повисоко од просекот за тој месец.

Ирачките власти во четвртокот прогласија неработен ден во неколку провинции, вклучително и во главниот град Багдад,. Причината за ова беа температурите над 50 степени и колапсот на електроенергетскиот систем, по што едноставно беше претопло за работа или за учење.

Ова може да се случува секоја година?

Си-ен-ен разговараше со експерти за да утврди колку се поврзани овие настани и зошто топлинските бранови истовремено погодија неколку делови на северната хемисфера.

„Системите со висок притисок што ги гледаме во Канада и во САД, сите овие системи се напојуваат од, како што ги нарекуваме, млазни текови - појас од многу силни ветрови што се наоѓаат високо над нашите глави, на некои 9.000 метри, каде што летаат авиони“, рече Лиз Бентли, извршна директорка на Кралското метеоролошко друштво на Велика Британија.

Бентли објасни дека конфигурацијата на млазните струи ги спречува временските системи ефикасно да се движат на вообичаената траекторија запад-исток.

„Млазниот тек стана брановиден и се заглави во она што го нарекуваме омега-блок, затоа што има форма на грчката буква омега. Кога влезе во тој блок, веќе не можеше да се движи никаде, бидејќи беше блокиран. Значи, овој висок притисок што се трупал едноставно заглавил со денови или со недели. Овие омега-блокови се појавуваат во различни делови на северната хемисфера“, рече таа.

Слична појава се случи во средината на јуни во југозападниот дел на САД, кога имаше рекордна топлина на местата како Феникс во Аризона. Неколку недели подоцна над северозападот се формираше област под висок притисок, рушејќи ги рекордите на температурите во Вашингтон, Орегон и југозападна Канада.

Бентли наведува дека оваа ситуација може да се случува секоја година до 2100 година.

Глобално затоплување или нормален тек на настаните?

Некои политичари повеќе не го оспоруваат фактот дека климатските промени се одговорни за многу временски екстреми, особено за горештините и бурите.

„Климатските промени доведуваат до екстремни горештини и долготрајна суша. Шумските пожари станаа поинтензивни и траат надвор од традиционалните месеци, традиционалните месеци од сезоната на пожари“, рече во средата американскиот претседател Џо Бајден.

Научниците работат на софистицирани алатки што можат брзо да проценат колку климатските промени придонесуваат за одреден временски настан.

„Направивме брза студија за атрибуција за да добиеме одговор на прашањето 'Која е улогата на климатските промени?'“, рече метеорологот Никос Кристидис од Хидрометеоролошкиот институт во Велика Британија.

„Откривме дека без човечко влијание ќе беше скоро невозможно да се постават нови рекорди и да се случи толку врел јуни.“

Кристидис рече дека без климатските промени предизвикани од човековата активност, ваквите екстремни горештини во северозападниот дел на САД или југозападот на Канада може да се случат „еднаш во десетици илјади години“. Во моментов ова може да се случува на секои 15 години, рече Кристидис, односно секоја или секоја втора ако емисиите на стакленички гасови продолжат да се трупаат.

Легенда под Главна слика

Фото: скриншот

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе