Демонстрантите мавтаа со национални знамиња и носеа транспаренти на националистичката партија Препород, која ги организираше протестите. Извикуваа „Оставка“ и „Слобода“ повикувајќи ја владата да отстапи поради „неуспехот во носењето со здравствената криза“.
Во центарот на Софија полицијата го одржуваше мирот. Демонстрантите го отфрлија планот на владата за постепено укинување на рестриктивните мерки, барајќи задолжителното носење заштитни маски и здравствените пропусници веднаш да бидат укинати.
Здравствените пропусници ја потврдуваат вакцинираноста, негативен тест или неодамнешно оздравување од болеста и се задолжителни за влез во затворени простори.
Попуштањето на рестрикциите би требало да биде спроведено во три чекори и да почне следната недела, кажа Ангел Кучев, главниот инспектор за здравство во Бугарија. Целта на овој план е да се укинат сите рестрикции до 20 март.
Бугарија која има 6,5 милиони жители во текот на февруари забележа пад во случаите на заразени со коронавирусот. Денес, 23 февруари, пријавени се 4.667 нови дневни случаи на инфекција додека врвот на актуелниот бран беше на крајот на јануари со повеќе од 12.000 случаи на ден.