Достава на документи за импичментот

Стејт департментот наредува, Белата куќа одбива

Белата куќа одби да ги достави документите за кои е даден налог, а кои се клучни во истрагата за импичментот на американскиот претседател Доналд Трамп, соопштија во средата членовите на Претставничкиот дом на Конгресот што ја водат истрагата.

Адам Шиф, претседател на Комитетот за разузнавање, Елиот Енгел, претседател на Комитетот за надворешни работи, и Керолин Малони, вршителка на должноста претседател на Надзорниот одбор, во писмото до заменик-државниот секретар Џон Саливан велат дека сметаат дека одбивањето на Белата куќа да го почитува налогот е „попречување на законските функции на Конгресот и на истрагата за импичмент“.

Тие додаваат дека собрале докази дека документите се директно поврзани, вклучително и информации од огромна важност, со обвиненијата дека претседателот ја злоупотребил својата моќ за лична политичка корист, пренесува Ројтерс.

„Со одбивањето да ги предадат документите, кои содржат белешка за обиди да се заплашат вработените, како и за комуникации во кои Трамп бара политички истраги од Украина, Стејт департментот посочува дека овие документи ги поткрепуваат обвиненијата против претседателот и други“, се вели во писмото.

Американскиот суд му нареди на Стејт департментот во рок од 30 дена да почне да доставува документи во врска со контактите на администрацијата на претседателот Доналд Трамп со Украина, наведувајќи дека станува збор за материјали од јавен интерес.

Документите врз основа на Законот за слобода на информациите ги бара телото задолжено за надгледување на администрацијата, пренесува АП.

Адвокатот на телото, Даниел Мекграт, за време на сослушувањето во федералниот суд во Вашингтон рече дека документите се од голем јавен интерес и се заложи за соработка со владата за да се утврди кој од тие документи може да биде објавен поради можната ознака на тајност.

Меѓу документите што не се спорни може да се најде преписка од приватниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани, клучен учесник во скандалот со Украина, бидејќи тој не е официјален службеник на администрацијата на САД.

Претставниците на конгресниот дом што ја водат истрагата за импичментот на Трамп претходно ја обвинија Белата куќа дека одбива да доставува документи за кои е издаден налог, а кои се клучни за истрагата.

Мора да се пристапи кон воведување нови мерки за поголема контрола на лицата кои поседуваат нелегални пари.

повеќе

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе