„Злосторничкиот режим ѝ ги граба на Србија името и историјата“

Српски министер: Ѓукановиќ е најголемиот криминалец во Европа, Црна Гора е стара српска држава

Министерот за иновации и технолошки развој во владата на Србија, Ненад Поповиќ, кажа дека претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ е најголемиот криминалец во Европа.

Тој за телевизија Пинк кажа дека најавеното усвојување закон за слобода на вероисповедта во Црна Гора, со кој се предвидува и одземање на имотот на Српската православна црква, е непријателски чин, напад врз СПЦ, српскиот народ и државата Србија.

„Ова не ни го правеле ни најлутите непријатели, и државата Србија сигурно, ако дојде до изгласување на законот во собранието на Црна Гора, ќе мора најжестоко да реагира“, порача Поповиќ.

Тој додаде дека ако се усвои законот, тоа ќе биде „најлошиот напад врз Србија во историјата на братскиот народ кој живее во Црна Гора“.

„Црна Гора е стара српска држава, неа ја создавале Немањиќ и Свети Сава“, кажа Поповиќ, оценувајќи дека Мило Ѓукановиќ и неговиот „злосторнички режим“ ѝ го одземаат на Србија она што ѝ е најсвето – историјата и името.

Поповиќ објасни дека режимот на Ѓукановиќ го нарекува злосторнички бидејќи на Србија црквата не ѝ ја одземале ни Турците за 500 години, ни усташите ни нацистите.

„Тие ни го прават она што никогаш ни злосторниците не го правеле и Србија кон тоа сигурно ќе се постави многу силно. Некој сака да ни го земе манастирот Острог, некој сака да ни ги земе моштите на Свети Василие Острошки, Петар Цетињски, а тоа е нашиот идентитет“, кажа Поповиќ.

Српскиот министер истакна дека во Црна Гора од читанките се исфрлени Јован Јовановиќ Змај и Десанка Максимовиќ, како и дека Србите граѓани на Црна Гора не можат да се вработат во државни институции ако така се изјаснуваат.

„Над нас се врши идентитетски геноцид. Исташите правеле чист геноцид, нѐ убивале, а Мило Ѓукановиќ сака да исфрли од Црна Гора, стара српска држава, сѐ што е српско“, кажа Поповиќ.

Тој предупреди дека доколку во Црна Гора, како православна „наша братска земја“, во која живеат Срби, некој може да ја избрка српската црква и да ги земе светите мошти на Василие Острошки и српските манастири, такво нешто за неколку дена би можело да се случи и на Косово и Метохија.

„Шиптарите тоа би го направиле со нашите храмови на Косово, веројатно истото би се случило и во Хрватска. Тоа е моделот кој веќе се случи во Украина. Мило Ѓукановиќ не е идеолог на тоа, тој е обичен извршител“, кажа Поповиќ.

„Тој е познат како најголемиот криминалец во Европа. Тој мора да ги исполнува сите задачи кои му ги наредуваат од Западот неговите налогодавци и шиптарските налогодавци, бидејќи се знае дека е длабоко поврзан со нив. Тоа е заедничка шиптарска-ѓукановиќевска акција, која е злосторничка кон српските народ и држава“, смета српскиот министер.

ЕУ треба принципиелно да реагира на отворениот национал-шовинизам на бугарскиот парламент, се вели во отвореното писмо на македонски академици и професори до европретставниците во Македонија.

повеќе

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе