Српски Ало: Не летувајте во Хрватска, тие ги тепаат и ограбуваат Србите

Ало, српски таблоид близок до власта во Белград, во понеделникот објави текст во кој ги повикува Србите да не патуваат на одмор во Хрватска. Пишуваат дека Хрватска е геноцидна и продолжение на усташка НДХ, дека во Хрватска ги напаѓаат Србите и го мразат српскиот претседател Александар Вучиќ.

EPA-EFE

Текстот е објавен со наслов „Одите во Хрватска на море и скапо плаќате да ве тепаат: Има помрачна тајна која усташите се обидуваат да ја скријат од туристите“

На почетокот на текстот пишуваат дека поединци слоганот со кој Хрватска туристичката понуда ја рекламира во Србија – „Хрватска - толку убава, толку блиску“ го смениле во „Хрватска - толку убава, толку блиску, толку геноцидна“.

Иако станува збор за шега, тоа е всушност вистина, пишува Ало.

„Денешната Хрватска држава е создадена на темелите на НДХ, ги почитува истите вредности кои ги почитувале усташите, ја чувствува истата омраза кон Србите која ја чувствувале и тие и на секој начин се обидува да ги намали, скрие и уништи доказите за геноцидот над Србите, Евреите и Ромите кој се случил за време на Втората светска војна. Денешна Хрватска е всушност НДХ втор дел“, заклучува Ало.

Таблоидот, кој важи за близок до власта на Вучиќ, пишува и дека на Хрватите им пречи Вучиќ затоа што „има рбет“ и затоа што ги „разоткрива и ги покажува какви се навистина, а не како претходната власт во Србија која преку сите медиуми се обидела да спречи да се дознае вистината за Хрватска и фактот дека нејзините ставови не се разликуваат од ставовите на оние кои ги колеле Србите во НДХ“.

Ало потоа го прозива и поранешниот претседател на Србија Борис Тадиќ, бидејќи тој и неговите министри објавуваа фотографии од летувања во Хрватска.

„Сосема е разбирливо што на Хрватите им недостигаат такви „безрбетници“ да бидат на власт во Србија. Затоа Хрватите јавно кажуваат дека би го апселе Вучиќ, а тајно мечтаат да го заколат како што го заклале неговиот дедо и многу роднини“, пишува Ало.

Ги предупредуваат Србите дека во Хрватска автомобилите ќе им бидат уништени поради српските таблички, додека во Србија такви нешта не се случуваат.

„Тоа сосема доволно зборува за разликата меѓу една „нација“ која идентитетот го градела на омразата кон сопственото потекло и кражба на јазикот и културата, и нација која има идентитет кој стои на цврсти темели и култура и јазик кои се непрекината низа од времето на првите српски владетели па до денес“, пишува таблоидот.

„На Србите не им треба да мразат некого само за да се чувствуваат како Срби, додека со Хрватите тоа не е случај“, се наведува во текстот.

„Единственото рационално објаснување е дека Србите кои летуваат во Хрватска сакаат некој да ги тепа и понижува на одмор“, пишува Ало и додава: „Но, ако е така, барем можат да најдат некое место каде попат нема да ги ограбат, наплатувајќи им го пивото на плажа поскапо отколку во Барселона, а храната како да не се морски плодови, туку суво злато“, пишува Ало.

Текстот го завршуваат со реченицата: „Хрватска - толку блиску, толку скапа и толку геноцидна“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе