Кризниот штаб од трите можни варијанти се одлучи за средната, според која Србија викендов ќе биде делумно „затворена“, јавува Блиц.
Епидемиологот и член на кризниот штаб доктор Предраг Кон ѝ се обрати на јавноста и ги објави новите правила и работните времиња за време на викендот.
„Долготраен карантин тешко дека е опција за Србија, но невозможно е да не се реагира на ваквото зголемување на вирусот“, кажа Кон.
Според одлуката на кризниот штаб, од утре во 12 часот до понеделник во 6 часот сите кафулиња ќе бидат затворени. Ќе работат цвеќарниците, продавниците за храна, бензинските пумпи, аптеките и доставата на храна. Исто така, средните училишта од понеделник преминуваат на онлајн настава.
Во сабота до 12 часот сè ќе работи нормално, и трговските и угостителските објекти.
Од 12 часот во сабота до 6 часот во понеделник нема да работат кафулињата, рестораните, книжарниците, бутиците, трговските центри, салите за вежбање и слично. Во понеделник сè се враќа во нормала.
Кон кажа дека нова седница на кризниот штаб е закажана за вторник, кога ќе се разгледаат ефектите кои ги дале новите мерки.
„Во понеделник нема да имаме никакви нови мерки. Мислам дека овие два дена ќе имаме некаков ефект, но тој нема да биде доволен. Ова е некаква црвена линија која ја прифативме“, кажа тој.
„Нема причина што било да го сопре вакцинирањето. Вакцинирањето е најефикасната мерка досега, поефикасна од карантинот. Ги повикувам сите да се пријават. Имунитетот кој се добива со вакцинирање е веројатно подолготраен од тој што се добива по прележаната болест“, истакна Кон.