Кон за РТС истакна дека на седницата на кризниот штаб медицинскиот дел инсистирал дека не може да се заврши состанокот без поригорозни мерки.
„Затоа продолживме со работа и напишавме предлог кој ѝ беше доставен на претседателката на владата“, кажа Кон за РТС, не наведувајќи за какви мерки станува збор освен дека се „поригорозни“ од постоечките.
На прашањето што ќе се случи ако владата не го прифати предлогот, Кон одговори дека е „тешко возможно“ тоа да се случи.
Белград денес со 2.208 позитивни на коронавирусот повторно беше прв меѓу градовите со најмногу новозаразени, во денот кога Србија го забележа новиот последователен рекорд по бројот на новоинфицирани и смртни случаи со 6.254 позитивни и 30 умрени.
Кон за РТС предупреди и дека испраќањето на српскиот патријарх Иринеј, кој умре утринава во 91 година од последици на заразата со вирусот, ќе биде ризичен.
„Голем ризик е испраќањето и погребот на патријархот Иринеј. Моја должност е тоа да го кажам – таквиот собир не е епидемиолошки прифатлив, но никој не може да го забрани“, кажа Кон и апелираше до сите кои, и покрај предупредувањата, ќе присуствуваат на погребот на поглаварот на СПЦ да носат маска, да водат сметка за дистанцата и да се обидат да избегнат секаква можност за зараза.