Според планот на вакцинацијата во Србија сега ќе бидат вакцинирани вработените во примарните дејности како полицајците, образовните работници и војниците, откако минатиот месец вакцините на Бајонтек/Фајзер и руската Спутник V ја примија корисниците на домовите за стари лица и медицинските работници.
Министерот за одбрана на Србија Небојша Стефановиќ вчера кажа дека 700 припадници на војската, вклучувајќи го него, ја примиле кинеската вакцина.
„Вакциниран сум со кинеската вакцина во која имам целосна доверба... претходно кажав дека ќе ја примам истата вакцина како нашите војници“, изјави Стефановиќ.
Вакцината на Синофарм ја прими и министерот за здравство на Србија Златибор Лончар, кој истакна дека вакцинацијата е „единствениот начин да се вратиме во колку-толку нормален живот, тоа е нашата цел“. Лончар истакна дека би требало да се вакцинираат што повеќе граѓани и дека е направено „сè што било до државата во борбата против вирусот“.
Кина пред три недели официјално ја одобри вакцината на државната компанија Синофарм за општа јавна употреба. Според прелиминарните податоци, ефикасноста на вакцината е 79,34 отсто, меѓутоа научната заедница ја критикува недоволната транспарентност околу објавувањето на податоците за клиничкото тестирање.
Во Србија од почетокот на вакцинацијата на крајот на декември се вакцинирани 20.000 граѓани. Претседателот Александар Вучиќ кажа дека во следните неколку дена Србија очекува контингент од 250.000 дози од Спутник V и уште 20.000 дози од вакцината на Фајзер.
Србија е, меѓутоа, соочена со проблем на недоверба на граѓаните во вакцините против ковид-19. Премиерката Ана Брнабиќ вчера кажа дека во Србија на располагање се милион и 55 илјади вакцини, додека пријавени граѓани има значително помалку. „Ние во моментов имаме 351.000 пријавени граѓани, од кои 67 отсто се преку 50 години старост“, кажа Брнабиќ.
Вучиќ вчера кажа дека вакцината на Синофарм е безбедна за сите старосни групи, вклучувајќи ги децата, и дека има најмалку контраиндикации. На прашањето од новинарите дали имало реакции од Брисел на одлуката на Србија да ја набави вакцината од Кина, тој одговори дека од ЕУ не очекува проблеми туку помош и поддршка.
Во регионот Западен Балкан, вакцинацијата почна само во Србија и Албанија, додека Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Македонија сè уште не добиле вакцини.