четврток, 18 април 2024

Белгија и Чешка ја обвинија Русија за мешање во изборите за Европскиот парламент

Белгија и Чешка повикаа на нови санкции од Европската унија за да се спротивстават на руското влијание на претстојните избори за Европскиот парламент, откако неколку земји открија мешање, се вели во отвореното писмо до лидерите на ЕУ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Писмото од 16 април го потпишаа белгискиот премиер Александар де Кро и чешкиот претседател Петер Фиала, а беше упатено до лидерите на Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент.

Двајцата лидери тврдат дека во неколку земји-членки веќе се пријавени проруски дезинформации и мешања. Белгиските безбедносни служби откриле мрежа во Белгија, со трансфери на пари, што делумно се одвивале и во Чешка.

Целта на мрежата била да се воспостави соработка меѓу проруските политичари во Европскиот парламент, да се помогне да се изберат повеќе проруски кандидати и да се назначат „луѓе активни во оваа мрежа како вработени (новоизбрани) членови на парламентот“.

Де Кро рече дека европските лидери на самитот се договориле да го воведат кризниот механизам, кој беше активиран за време на пандемијата на коронавирус, на два месеци. Специјална единица потоа внимателно ќе ги следи дезинформациите.

„Планот е редовно да известуваме за состојбата со дезинформациите. Ќе ги поврземе тие информации, ќе ги споделиме со земјите-членки и ќе работиме со националните судски власти за да се преземат акции“, рече Де Кро на прес-конференција.

Белгија го истакна конкретно ризикот не само за европските институции, туку и за НАТО алијансата, чие седиште е блиску до нејзиниот главен град, Брисел. Изборите за Европскиот парламент се одржуваат од 6 до 9 јуни.

Белгија, заедно со другите земји-членки, отвори кривична истрага, а Чешка воведе санкции против неколку физички и едно правно лице за напорите да се поткопа територијалниот интегритет на Украина.

„Вистинско време е да се воспостави нов режим на рестриктивни мерки за спротивставување на штетните активности на Русија“, напишаа лидерите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ