Коронавирус

Србија доби медицинска помош и експерти од Кина, Вучиќ ги пречека (ВИДЕО)

На белградскиот аеродром Никола Тесла слета авион на српската национална компанија Ер Србија, со кој на Србија од Кина ѝ пристигна помош во медицинска опрема и тим кинески експерти кои последните три месеци се бореа против епидемијата на коронавирусот во својата земја.

„Пристигнувањето на кинеските медицински експерти е од огромно значење бидејќи тие први го победија коронавирусот и се здобија со вредно искуство“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ, кој на пистата заедно со кинеската амбасадорка во Србија Чен Бо лично ги пречека кинеските експерти и пратката медицинска помош.

„Од вечерва, ќе слушаме сè што ќе ни кажат и тоа не е политика, туку почит кон оние што покажаа дека знаат да го поразат денешниот најтежок непријател - коронавирусот“, рече српскиот шеф на државата.

Кинеските медицински експерти излегоа од авионот со маски на лицето, кинеската амбасадорка се обрати исто така со маска на лицето, а Вучиќ стоеше пред микрофонот и камерите - без маска.

Вучиќ истакна дека се работи за „бесплатна помош“ испратена од страна на Кина до Србија, истакнувајќи дека „секој респиратор што пристигна вечерва значи неколку спасени животи“ на граѓаните на Србија.

„Голема благодарност до претседателот Си Џинпинг, голема благодарност до Комунистичката партија на Кина, народот на Кина“, рече Вучиќ, најавувајќи дека уште еден авион на Ер Србија е во Кина и дека се очекува втора пратка на кинеска помош.

„Кина сè уште не ја заврши својата борба (против коронавирусот), но рече дека ќе им помогне на српските пријатели. Србија тоа не смее да го заборави“, рече Вучиќ, потенцирајќи дека Кина е пријател на Србија „за векови“.

„Кина со векови е наш пријател, за кој знае колку стотици и илјадници години“, рече Вучиќ и ја замоли кинеската амбасадорка во Србија Чен Бо на кинескиот претседател Си Џинпинг да му пренесе дека кога ќе дојде во посета на Србија ќе биде дочекан од „стотици илјади луѓе“.

„Новото нормално“ неизбежно со себе ќе носи неизвесност и страв бидејќи заканата од вирусот наѕира во позадина и не може да се искорени.

повеќе

„Шарената револуција“ беше енергија и граѓански порив за промени. Малку застранивме.

повеќе