петок, 29 март 2024

Толпа во Мексико до смрт претепала жена осомничена за киднапирање и убиство на девојче

Во мексиканскиот туристички град Такско вчера толпа гневни граѓани брутално претепале жена осомничена за киднапирање и убиство на девојче. Луѓето до смрт ја претепале жената неколку часа пред познатата градска поворка на Светата недела, пишува АП.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Толпата се формирала откако во средата исчезна 8-годишно девојче. Нејзиното тело било пронајдено вчера рано наутро на пат на периферијата на градот.

На снимката од безбедносните камери се гледа како жена и маж товарат нешто завиткано во чаршаф во такси, што изгледало како да е тело на дете.

Толпата вчера ја опколила куќата на жената од видеото, заканувајќи се дека ќе ја извлече. Полицијата ја внела жената во службен камионет, но полицајците застанале и ѝ дозволиле на толпата да ја извлечат осомничената од возилото на улица. Луѓето ја клоцале и тепале жената на улица додека таа лежела полугола и неподвижна на земја.

Откако граѓаните брутално ја претепале, полицијата ја ставила жената во камионетот и ја однела, а тротоарот останал обоен во крв. Државното обвинителство на Гереро подоцна потврди дека жената починала од повредите.

„Ова е резултат на лошата влада што ја имаме“, изјави за АП Андреа, жена која беше дел од лутата толпа. „Не е прв пат да се случуваат вакви работи, но ова е прв пат луѓето да направат нешто. Доста ни е. Овој пат беше убиено 8-годишно девојче“, изјави Андреа.

Градоначалникот на Такско Марио Фигуероа рече дека го споделува гневот на жителите поради убиството на детето. Фигуероа кратко по претепувањето на жената на улица изјави дека не добил никаква помош од државната власт за градската полиција, која разгневената толпа бројно ја надминувала.

Верската поворка во пресрет на Велики петок, која со векови се одржува во Такско, според планот започна синоќа.

Луѓето се собрале на улиците на Такско за да ги гледаат мажите со качулки како поминуваат додека се камшикуваат или носат тешки снопови трње преку своите голи рамена во знак на покајание во имитација на страдањето на Исус Христос додека го носел крстот.

Нападите на гневните толпи граѓани не се новина во Мексико, особено во руралниот дел на земјата. Во 2018 година, лута толпа запалила двајца мажи во централната држава Пуебла, а следниот ден маж и жена биле извлечени од возило, претепани и запалени во соседната држава Хидалго.

Но, Такско и другите градови во државата Гереро се особено склони кон насилство. На крајот на јануари приватни таксисти стапиле во штрајк во Такско бидејќи биле изложени на закани од нарко банда која се борела за контрола над областа. Ситуацијата била толку лоша што полицијата морала да ги вози луѓето во своите патролни возила.

Отприлика во исто време, на периферијата на Такско биле пронајдени телата на двајца детективи изрешетани со куршуми. Локалните медиуми објавија дека на нивните тела имало траги од тортура. Во февруари, вооружени лица на мотоцикли пукале во автомобилот на Фигуероа, отпорен на куршуми.

Во Такско и низ државата Гереро, нарко-картелите и бандите рутински го напаѓаат локалното население барајќи исплати за заштита од сопственици на продавници, таксисти и возачи на автобуси. Бандите ги убиваат оние кои одбиваат да платат. Жителите велат дека им е доста, а насилството на граѓаните може дополнително да се одрази на туризмот, пишува АП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ