Како што наведе во својата одлука владата на Јанез Јанша во заминување, ваквото одбележување е неопходно за во иднина да не се повторат „најтрагичните епизоди од националната историја“ и за „сите димензии на комунистичкото насилство“ и почит кон „жртвите и прогонетите“ од тој период „да се внесат во колективната свест“ на Словенците, за што досега немаше сензибилитет во политиката.
Настанот од 17 мај 1942 година беше избран за национален ден на сеќавање на жртвите на комунизмот, кога словенечките партизани предводени од комунистите застрелале 43 припадници на ромската заедница во нивниот камп недалеку од Љубљана, меѓу кои имало многу деца и постари лица.
Нивните останки, организирани од државната комисија за воени и повоени жртви, беа ексхумирани во 2017 година од масовна гробница. Историчарот Митја Ференц тогаш рече дека тоа е неприфатливо и нецивилизирано злосторство, кое ретко се споменува, и дека партизанската единица ги убила Ромите, наводно, од страв дека ќе ги пријават кај италијанските окупациски власти.
Левичарските партии што ќе влезат во новата влада, која ја подготвува победникот на неодамнешните парламентарни избори Роберт Голоб, ја сметаат одлуката на владата на Јанша за комеморација на жртвите на комунизмот за провокација со која поразената партија сака да ги вовлече во „културкампф“ (културна борба) за прашања од минатото, кои немаат врски со сегашноста и нејзините проблеми.
„Десницата со поттикнувањето вакви спорови покажува дека нема интерес да ги реши вистинските проблеми на денешницата. Сите се соочуваме со поскапување на лебот и основните потреби, без разлика чиј дедо бил партизан или домобран“, порача една од партиите во Голобовата коалиција.
Историчарот Божо Репе, автор на овластена биографија на поранешниот претседател Милан Кучан, рече дека одлуката на владата во заминување за комеморација на комунистичките жртви не е искрена желба да се создаде атмосфера на идеолошко помирување, туку обид за борба против историската вистина и да се сврти вниманието од реалните проблеми.
Идниот премиер и претседател на Движењето за слобода, Роберт Голоб, вели дека затоа Словенците ќе мора повеќе да го слават 9 мај како ден на победата над фашизмот за да се сеќаваат на „историските вистини“, пишуваат словенечките медиуми.